Архитектот отсекогаш морал да биде поливалентен, водејќи се од принципите на својата професија, кои влегуваат во сите пори на човековото живеење. Со други зборови, архитектот мора да се информира и да информира за што поголем број аспекти кои ќе влијаат врз квалитетот на проектот. За успешно дело, покрај архитект, треба да имате нарачател на проект кој знае што сака, како да го добие тоа што го сака и од кого.
Формата на објектот е детерминирана со контекст, начин на функционирање и формирана функционална шема на користење, создавајќи на тој начин современ израз. Објектот е концепиран како скулптура, а композицијата се заснова на дефинирани форми, промислени во пропорциски систем. Главната композициона игра се наоѓа во контраст на содржини, контраст на материјали, игри на сенки и судир на полно и празно. Централен ѕид обложен со травертин ја дели куќата по вертикала на дел за приватно користење и дел кој е достапен, како на домаќинот така и на гостите. Покрај тоа, во проектниот процес се користени и други елементи, како што се акцентно дејство на дрвени ламелирани носачи, кои овозможуваат јасен систем на контролирани визури, претопување на екстериер и ентериер и воведување на слободна организација на објектот во систем кој содржи елементи на органска архитектура.
Ниво 0,00
Ниво – 3,40
Современиот концепт на материјализација на објектот, укажува дека обвивката на објектот, од пасивна заштитна обвивка се претвора во активен енергетски филтер. Во таа смисла кровот се издвојува како значаен елемент и добива нова улога на зелен кров.
Внатрешноста на куќата се одликува со флуидност на просторот, кој почива на систем од стаклени прегради. Целиот простор се бања во светлина со помош на голема стаклена градина. Ваквата архитектура антиципира радост на живеење, неприкосновена удобност и хармонија помеѓу човекот и природата.
Синергија од добро искомбинирани разнородни материјали
Конструкција:
(Статика 001- Скопје)
Соработници:
Персида Пандилоска, дипл.град.инж.
Катерина Миленски, дипл.град.инж.
Влатко Коцевски, дипл.град.инж.
Конструкцијата на објектот претставува една синергија од добро искомбинирани разнородни материјали, како што е комбинацијата од армиран бетон, челик и ламелирано дрво. Армирано-бетонската скелетна конструкција е основна-носечка, и се состои од греди, столбови, ѕидови и темели.
Челичната конструкција е применета за изведба на настрешницата кај главната влезна партија, како и кај дел од терасите. Исто така, применета е и челична потконструкција за прифаќање на надворешната фасада, која во еден дел е изработена од травертински плочести елементи со релативно голема специфична тежина.
Пресек 3-3
Специфично за овој објект е и примената на лепени ламелирани дрвени носачи (ЛЛД) за совладување на распон над дневниот престој од околу 12,5 метри. ЛЛ носачите се со правоаголен попречен пресек со димензии 16/60 см, поставени на меѓу-осовинско растојание од 210 см. Ваквата комбинација и сложеност на конструкцијата во потполност ги задоволи однапред наметнатите строги архитектонски побарувања, како и очекувања за овој објект.
Геотермални топлински пумпи
Машински инсталации: (Паксон доо-Скопје)
Соработник: Бојан Велковски, дипл.маш.инж.
Објектот е составен од неколку целини во однос на системот за греење и ладење.
Основниот извор за греење и ладење се топлински пумпи вода–вода или познати како геотермални топлински пумпи со соодветен капацитет.
Внатрешната инсталација во објектот се состои од:
– подно греење на целиот објект, со соодветна автоматика, и секоја просторија посебно контролирана;
– подни конвектори во дневниот престој покрај големи стаклени површини;
– вентилоконвектори во сите простории, во различна изведба, во зависност од намената на просторот и ентериерните можности;
– над одредени простории, над плочата има изведено и free-cooling систем;
– над галеријата има изведено плафонско ладење односно греење;
– за покривање на потребите за санитарна топла вода има и централен бојлер од 1000 литри и соларни панели со површина од околу 40 м2
– греење на вода во базенот и просторот околу базенот;
– просторија–винотека, ладење во тек на цела година со посебен клима уред за таа намена.
Еден дел од водата од резервоарот, преку изменувач, во зимски режим на работа, поминува низ систем на цевки кои се наоѓаат на пристапната патека пред влезот во гаражата, и со тоа се спречува замрзнување на истата.
Во однос на топлинските пумпи и предвидениот систем за ладење и греење, сакаме да нагласиме дека топлинските пумпи се предвидени за работа, пред сè, на евтина струја, во ноќните часови. За таа намена, постојат два резервоари на топлина, еден од 30 м3 а другиот од 100 м3. Топлинските пумпи навечер ја загреваат водата во резервоарите (во режим на греење), а преку ден таа загреана вода се користи за греење на објектот. Топлинските пумпи само во ретки случаи би работеле директно за загревање во тек на денот.
Најнови трендови
Електрични инсталации: (Електрофокус – Скопје)
Соработник: Божидар Петровски, дипл.елек.инж.
Кога станува збор за електричната инсталација, можеме да кажеме дека е проектирана и изведена во согласност со најновите трендови за ваков тип на објекти.
Помеѓу стотици струјни кола, автоматски осигурувачи, контактори, контролери, засилувачи, приемници, сервери, сите лоцирани во една посебна просторија наречена електро соба, направен е систем за управување, кој му овозможува на корисникот лесно управување на опремата преку соодветни контролни панели или преку апликација на екран на допир или на паметен телефон.
Осветлувањето во просториите за комуникација и краток престој се вклучува и исклучува автоматски преку детектори на движење. Во собите за престој може да се избере пресетирана сцена во зависност од активноста, како на пример сцена за вечера, гледање ТВ, забава. Надворешното декоративно и сигурносно осветлување се вклучува автоматски по однапред утврден временски режим на работа. Управувањето на ролетните е автоматизирано и има можност по однапред утврден режим да го обезбеди саканото ниво на осветленост во просториите или да изврши засенување на сончевите зраци за непотребно загревање на просториите во летниот период. Контролата на температурата во просториите е преку собен термостат на кој може да се прочита температурата во собата и да се изврши подесување доколку е потребно.
Системот за аудио и видео е конципиран така што во просториите за престој се лоцирани телевизорите и звучниците, а избирањето на содржината што ќе се емитува на телевизорот и аудио системот е преку далечински управувач или паметен телефон.
За безбедноста се грижи системот за детекција и дојава на пожар и кражба, како и видео надзорот.
Проектот е добитник на Големата годишна награда за архитектура во 2016 година за најдобро изведен објект. Покровител на наградата е Претседателот на Република Македонија Ѓоге Иванов.
Проектантско биро:
„Радо инженеринг“
Автори:
арх. Пако Радовановиќ
Арсенија Поповска Радовановиќ, дипл.инж.арх.
Ѓоко Радовановиќ, дипл.инж.арх.
Фотографија:
Адријана Тилиќ