Големата Годишна награда на ААМ (ГГН) за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2024 година е доделена на бирото „Параметар“ од Скопје за објектот Мултинаменски комплекс во Скопје. Проектантскиот тим го сочинуваат архитектите: Методи Хаџи Андов, Сашо Андријевски, Игор Сугарчев и Димитар Стефановски.
Наградата на добитниците вчеравечер им ја врачи претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова на свечениот настан што се оддржа во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје.
Валентино Константиновски, претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, се осврна на важноста на вредностите кои архитектурата ги носи во себе и потенцираше дека е неопходна сплотеност меѓу архитектите за нивно унапредување.
Професорот Митко Хаџи Пуља, претседател на комисијата за доделување на Големата Годишна Награда, одржа говор за идентитетот во архитектурата и кризата на истиот во јавниот простор во Македонија.
На крајот, Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, го заврши настанот со инспиративен говор, во кој нагласи дека архитектите претставуваат важен столб на нашето општество.
Оваа година беа номинирани пет труда за Големата Годишна награда на ААМ:
- ГМС Проект – Станбена зграда на ул. „Мајка Тереза“ бр. 20а, Скопје
- БМА Бесиан Мехмети Архитекти – Хотел „Кета“, Маврово
- БМА Бесиан Мехмети Архитекти – Комерцијален објект „Комбо“, Скопје
- Параметар – НС Куќа, Неготино
- Параметар – Мултинаменски комплекс, Скопје
Редакцијата на „Порта 3“ им честита на добитниците на ова престижна награда.
Фото: КИРО ПОПОВ
МУЛТИНАМЕНСКИ КОМПЛЕКС ВО СКОПЈЕ
За објектот бирото „Параметар“ велат: „Мултинаменскиот комплекс е лоциран во индустриска зона југоисточно од Општина Петровец во село Р’жаничино, нормално поставен меѓу регионалниот пат P-105 (Р’жаничино-с.Коњаре) и Новопроектирана улица ”5” која е истрасирана паралелно на регионалниот пат и претставува нова сервисна улица во индустриската зона. Објектот има павилјонска поставеност на парцелата која е на терен во стрмен пад од североисток кон југозапад, обиколен со ниска вегетација на југоисточна страна, индустриски објекти на североисточна и југозападна страна и ситна структура од индивидуални станбени објекти на северозападната страна.
Генезата на објектот произлезе преку синергија меѓу топографијата на теренот, контекстот што го опкружува и мултифункционалата програма која ќе вмрежи различни таргет групи на корисници во исти временски периоди. Мултифункционалата содржина на простории и типот на користење на истите ни зададе предизвик да генерираме просторен модел преку кој ќе овозможиме кохезија на различните содржини и групи во рамки на еден просторен систем, притоа создавајќи едноставна просторна структура која ненаметливо ќе се вгради во контекстот, дефинирајќи динамични простори со богати просторни квалитети.
Резултатот е павилјонски поставени објекти со правоаголни основи и четири полни призми кои се напоредно поставени долж двете подолжни страни на парцелата кои примаат индустриска намена сместена во едно конструктивно ниво со галериски простори и перфорирана призма со пација кои внесуваат вегетација во внатрешноста и атриуми кои овозможуваат визуелна конекција која прима административна намена поставена врз двете полни призми формирајќи голем пасаж создавајќи карактер на влезна порта во индустрискиот комплекс.
Просторниот модел добива бипартитна материјална поделба по хоризонтала почнувајќи со затворен базис од бетонски фасадни панели како масивна база врз која се поставува целосно транспарентна перфорирана призма со големи стаклени површини кои го внесуваат богатиот контекстуален пејзаж на природно и артифициелно во внатрешноста на административниот блок. Генерираниот просторен модел создава современа типологија на мултифункционални простори со единствени просторни квалитети кои овозможуваат рационален и функционален преклоп на функции и дејствија за различен таргет група на корисници кои гравитираат во исти временски период“.