Насловна / Архитектура / Архитект Владимир Пота: Голема шлаканица за жирито!

Архитект Владимир Пота: Голема шлаканица за жирито!

Во Редакцијата на „Порта 3“ добивме писмо од архитектот Владимир Пота, негов осврт за БИМАС 2016, со коментар за настанот по повод одбиената специјална награда наменета за авторите на архитектонската реализација Управна зграда на ПРОКРЕДИТ БАНКА од фирмата „РАДИУС архитекти“ од Скопје.

Архитектот Владимир Пота беше еден од членовите на жирито на овогодишното биенале. Писмото го објавуваме во целост.

Демонстративното одбивање на доделената специјална награда од страна на авторите на архитектонската реализација Управна зграда на ПРОКРЕДИТ БАНКА, остави мачен впечаток на аудиориумот и на мене лично. Дотолку лично, што како член на жирито знаев дека Големата награда незаслужено се доделува на архитектонска реализација која ни од близу не заслужува да го носи тој епитет. Токму поради тоа, добиената шлаканица, наменета на сите нас од жирито, ја прифаќам, ја одобрувам и ја доживувам како лична стручна сатисфакција за моето објективно и самопрегорно работење.KPO_1851

За сите три финални архитектонски реализации направив компаративна архитектонска стручна (напишана) експертиза, која ја приложив како издвоено мислење кон записникот за работата. Во нејзиното резиме, предложив на која архитектонска реализација треба да се додели Големата награда!

Го пишувам овој текст со големи проектантски емоции и во потполност сочувствувам со почитуваните колеги губитници, бидејќи и јас сум бил автор – губитник на повеќе конкурси каде имало кујни од различна провениенција!  Сега, кога завесата на архитектонската сцена е спуштена, ќе следат полемиките за и против одлуката на жирито.

Тому поради тоа, ценетите повеќекратни лауреати на претходните БИМАС-и (професори, доценти и асистенти) треба да знаат (а знаат!), дека нивната архитектонска реализација Тренинг центар „ФК Вардар“ обилува со флагрантни елементарни проектантски недоследности, а тој што нив ги констатира, се разбира од заедничкиот занает. Во таа смисла укажувам на недоследностите поради кои мојот глас го дадов на губитниците!

Нужното јужно ориентирање на објектот (веројатно поради фудбалските терени и близината кон нив) наметнува потреба за заштита на доминантните стаклени фасадни мембрани од прекумерна сончева инсолација, што на објектот не е применето (рефлексното стакло делумно го решава проблемот). Непримената на хоризонтални брисолеи (настрешници, тераси, тремови) се во колизија со заложбите за енергетска ефикасност на објектите!? Незаштитените влезни, парадни, мермерни скали од атмосферски влијанија, од северната страна на објектот, со чудно поставен стаклен влезен портал, без ветробран, остава впечаток на проктантска недореченост!?KPO_1858

Монотона композиција од едноритмични конструктивни дилатирани фасадни кубуси (зголемена развиена фасадна површина). Објект со должина од околу 74 м (легнат паралелопипед) не поседува просторен впечатлив архитектонски израз, кој би придонел за неговата просторна динамика со која би се анулирала монотонијата на нивелираниот кровен венец.

На Архитектонскиот факултет, истиот во кој Вие денес „домувате“, моите професори, а можеби и Ваши, ме учеа дека искреноста во архитектурата е битна вредност. За завршна фасадна обработка на архитектонската реализација на Тренинг центарот, применета е имитација од фугована тула од тврдопресуван полистирен, кoj за неупатениот е фугована тула!?

Верувам дека и колегите, Вашите конкуренти кои демонстративно ја одбија специјалната награда, ги знаат овие мои очебијни констатации, па доделената награда ја разбрале како утешна и затоа и не ја примија.бимас2016

Во оценувачката работа на жирито, кое не гласаше унисоно (седум члена), мојот глас е само еден и исто вреди како гласовите на други двајца архитекти кои никогаш не практикувале проектирање, но го даваат гласот по лична опсервација и убедување (утврдените факти не можат да ги согледат). На помош кон погрешно усмерување на Големата награда, претходеа и два  воздржани гласа на архитекти, кои, пак, знаат што е проектирање.

П.С. Мојот текст има за цел да влијае како позитивно-негативно искуство на идните жирија, со сличните неправедни одлуки да внимаваат повторно да не ги повредат проектантските авторски чувства, и повторно да добијат шлаканица, како ние на БИМАС 2016.

 

Испрати коментар

Scroll To Top