Амбиентална изложба на мобилните скулптури на големиот Александар Калдер е поставена во Лос Анџелес. Александар Калдер е славниот американски уметник најдобро познат по креирањето на мобилни кинетички скулптури, многу деликатни во споредба со класичните скулптури, чиишто компоненти лебдат во воздухот и полека се движат благодарение на воздушните струи.
Тие се во спротивност на друг вид на скулптура за која се специјализирал – стабилни монументални челични дела кои се воздигнуваат во висина и кои изгледаат „недопрени“ од случувањата во околината. Изложбата под наслов Calder and Abstraction: From Avant-Garde to Iconic претставува 50 негови дела, и ќе остане отворена до 27 јули во Музејот на современа уметност LACMA во Лос Анџелес.
Интересен податок поврзан со изложбата е дека изложбниот простор е дизајниран од архитектот Френк Гери, кој како голем љубител на творештвото на Калдер креирал сценографија по пример на големата ретроспектива на уметникот во Музејот „Гугенхајм“ во Њујорк во 1964 година.