Од 8 октомври 2014 до 26 јануари идната година, во Центарот Помпиду во Париз се одржува ретроспективна изложба под назив „Френк Гери, прва голема ретроспектива во Европа“. После претходната презентација на Френк Гери во 1992 година во Центарот Помпиду, оваа ретроспективна изложба, поддржана од „Венси“, фирмата што го изгради музејот Луј Витон, дава глобален осврт на неговата работа. Го опфаќа периодот од 1960 година до денес, кој е претставен на формален и архитектонски јазик, преку оригинални документи на 60 главни проекти, 225 цртежи и 67 модели. Посветена е на неговата кариера, која почнувајќи со мал обем, со експериментални дрвени куќи во Јужна Калифорнија, кулминира со изградбата на музејот на Фондацијата Луј Витон во Булоњската шума, за кој некои критичари велат дека е најголема технолошки софистицирана, уметнички мотивирана зграда во неговиот творечки опус. Претседателот на Франција Франсоа Оланд, на отворањето го нарече објектот „катедрала на светлото“, како и „чудо на интелигенција, креативност и технологија“. Во ретроспективата во Музејот Помпиду, вклучени се и помалку познати урбанистички проекти на градови, станбени проекти, како и досега не објавени фотографии за суровите моменти од градскиот пејзаж, кои окото на архитектот ги прави убави. Тој избрал модели и оригинални цртежи за да ја прикаже еволуцијата на неговите идеи. Ги опишува зградите како еден предмет, една форма. Ги развива своите неправилни форми. Во нередот, постои ред. Интересно е што сценографијата на оваа изложба е потпишана од самиот архитект.
Ѕвездена линија на кариерата Френк Гери е роден во семејство на полски Евреи, како Ephraim Owen Goldberg, во 1929 година во Торонто, Канада. Грубоста на антисемитизмот ја почувствувал рано во својата младост. Добиената психолошка траума, го навела да го смени името и да се одвои од традициите на еврејското семејство. На 17-годишна возраст, со родителите, се преселил во Лос Анџелес, САД. Студирал архитектура на Универзитетот на Јужна Калифорнија, потоа урбанизам на Харвардскиот универзитет. Работел две години во Лос Анџелес кај Бекет (Welton Becket,1902- 1969), потоа кај архитектот Груен (Viktor Gruen,1903 – 1980). Во 1961 година престојувал во Париз. Работел кај францускиот архитект Андре Ремонде (Andre Remondet, 1908 – 1998). Во Париз ја проучувал работата на современите европски автори, творечката интерпретација на органските форми, како и романските цркви и нивните специфичности. Посебно го проучувал Ле Корбизије (1887 – 1965). Во 1962 година се вратил во Лос Анџелес и отворил сопствено биро. Денеска тоа е една од водечките архитектонски фирми во светот (со повеќе од 200 архитекти на почетокот на 21 век). Во тек на 70-тите години на 20 век, соработувал со современи уметници од Лос Анџелес кои имале силно влијание врз него. Влијание врз развојот на неговата кариера имале и големите архитектонски имиња како Валтер Гропиус (1883 – 1969), Мис ван дер Рое (1886 – 1969), Марсел Броер (1902 – 1981). Креативноста и интересот на Гери за уметноста биле големи. Активностите во неговата професионална, исклучително успешна кариера, главно се насочени кон архитектурата, урбанизмот, скулптурата и дизајнот. Плод на неговите успешни креации се создадените постмодерни, деконструктивистички, хајтек архитектонски дела. Во последните години, Гери работи и како професор по архитектура. Од 1988 година тој е професор на Универзитетот Јел, а од 2011 година на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Славен архитект, култни објекти Први проекти во неговата кариера се разни индивидуални објекти, трговски центри и сл. Во 60-тите години на 20 век, се чувствува влијанието на Френк Лојд Рајт (1867 – 1959), како и на кубизмот. Уште во раниот период на своето творештвото се покажал како мајстор на комплекси, обединувајќи неколку различни објекти во едно цело. Во периодот 1969 – 1973 година, Гери креирал серија на мебел од брановиден картон за пакување. Открил дека со повеќекратно превиткување, во разни правци, картонот станува долготраен. Мебелот придонел за неговата слава во 70-тите години. Го нарекол „Easy Edges“ (Лесни рабови). Во тој период Гери развил свој вид на деконструктивистички стил, на обликување на архитектонските конструкции во необични скулптурални форми. Во 1979 година, експериментирал со сопствената куќа во Санта Моника. Се свртел кон постмодернизмот, остроумно обновувајќи го својот индивидуален дом, изграден во 1920 година. Користел „евтини материјали“, како жица, шперплоча и брановиден лим. При реконструкцијата, објектот бил аголно продолжен, контра на традиционалниот колонијален стил. Го оградил со мрежеста ограда. Новината предизвикала возбуда кај соседите, создала архитектонска војна, која привлекла внимание кај печатот и му донела слава на архитектот. Како растела славата на Гери, така неговата работа добивала поголеми размери. Се реализираат нови сè позначајни објекти во САД и во другите земји во светот. Проектирањето на куќата што танцува во Прага (1995), музејот на Гугенхајм во Билбао (1997), концертната сала Волт Дизни во Лос Анџелес (2003), станаа култни објекти. Привлекоа многу туристи и станаа атракција на свој начин. Неговото досега најпознато дело, Музејот Гугенхајм во Билбао, стана симбол на градот, пресвртница во современата архитектура и во кариерата на Гери. После овој проект широко му се отворија нови можности, добива големи проекти, почнува да го освојува светот. Во 2011 година го претстави својот прв облакодер во Њујорк, потоа Опусот Хонг Конг во Кина (2011)….Неговиот последен завршен објект, музејот на Фондацијата Луј Витон во Париз, отворен во октомври оваа година, предизвика големо внимание кај целокупната културна јавност во светот. Експерименти со компјутер и мисли во метафора Потпирајќи се на компјутерското моделирање, тој експериментира. Понекогаш избира екстравагантни решенија. Пример е гигантскиот двоглед, кој претставува влез во Центарот Хиат (Венеција, Калифорнија, 1975 -1991), или рибниот ресторан во форма на риба во Кобе, Јапонија (1986), или можеби силуетата на парот што танцува во зградата во Прага, наречена „Џинџер и Фред“ во чест на познатите холивудски танчери … Гери мисли во метафори, не е против ако и другите го прават тоа. Неговото дело е отворено за толкување и метафора. Ова го издвојува од многу негови врсници.
Гери вели: „Кога го сфатив потенцијалот на компјутерската технологија, која се распространува насекаде, сакав да се испитам самиот себе, да видам што може да направи програмата. Имав среќа, имав некого што знаеше како се користи, што не беше случај со мене. Тој седеше со мене. Јас правев макети и ние ги вклучивме во компјутерот. Моите цртежи се сложени. Јас можам лесно да ги исцртам со една линија. Но имате повеќе можности кога користите компјутер, кој овозможува да ги направите цртежите поточни и поубави, имате повеќе слобода. Со други зборови, компјутерот работи на вашето творештво, не му дозволувате да стане творец“. Со оригиналност се одликуваат делата на Гери и во другите области на уметноста, во скулптурата, во дизајнот на мебел, на предмети за домаќинство, во ентериерот („Титан кафе“ во Њујорк, 2000). Рибата, лајтмотив на неговото творештво Желбата да се изведе совршенството на формата и подвижноста на рибата, се смета за лајтмотив на творештвото на Гери и неговото уметничко разбирање за архитектурата. Опсесијата од рибата oстанала од најраното детство. Од моментите кога фасцинирано го посматрал движењето на рибата, што требало да биде подготвена за празниците Шабат, Пасха… (традиционално еврејско јадење „Gefilte fish“, кое го подготвувала неговата мајка). Овој лајтмотив во метафорска форма може да се проследи во сите подоцнежни дела на Гери: рибен ресторан во форма на риба во Кобе, Музеј Гугенхајм во Билбао … во скулптурите: риба со стаклени лушпи во музеј во Минеаполис, скулптура на риба (35 м) во Олимпиското село во Барселона (1992)…. во дизајнот на предмети, во ентериерите и др. Употребата на листови од сребрест титаниум, што од 90-тите е карактеристика за неговите објекти, е идеја добиена од крлушките на рибата.
Еден од најголемите или најголем? Повеќе од сто награди После скоро шест децении творење, со исклучителна популарност во последните три децении, денес тој ужива статус на „архитектонска ѕвезда“ („starchitect“). Иако е еден од водечките, ако не и најголем архитект во светот, го одбива овој популистички назив. Во интервју дадено во 2009 година, во британскиот весник Индепендент, објаснува зошто не му се допаѓа терминот. „Јас не сум starchitect, јас сум AR-chitect“, вели тој. „Има луѓе кои проектираат објекти кои не се технички и финансиски добри и оние што тоа го прават. Едноставно две категории“. Гери во својата работа има постигнато голем финансиски успех. Неговите објекти се извонредно скапи. Има добиено повеќе од сто награди, вклучувајќи ги и престижната Прицкерова награда (1989), National Medal of Arts (1998) на САД, AIA Gold Medal (1999), Royal Gold Medal (2000) од Британија….На Венециското биенале (2008) му беше доделен Златен Лав за животно дело. По тој повод беше кажано дека, архитектот од Лос Анџелес, дизајнерот на концертната сала Волт Дизни и музејот Гугенхајм во Билбао, ја трансформирал современата архитектура… ја ослободил од границите на „кутија“ и ограничувањата на современата градежна практика…
Неговата работа е предмет на бројни статии и монографии. Познатиот режисер Сидни Полак, кој е негов долгогодишен пријател, во 2005 година го снимил биографскиот филм „Скици“ (Esquisses). Во нивниот дијалог, Гери ги објаснува прашањата што ги носи во својата архитектура и урбанизмот. Како да се хуманизира архитектурата? Како да се пронајде малку воздух после првата индустриска криза?
Успехот останува важен за Гери, чии комплексни проекти се предизвик за бизнисот. Тој јасно чувствува дека противречностите и проблемите во архитектурата во 2014 година, не е негово да ги решава. Некои критичари се помалку позитивни во своите написи. Но тој е несомнено оригинална фигура на современата архитектура. Планер, голем архитект, творец кој обликува. Кој создава движење од инертен објект…или чувство на движење.
Музејот Гугенхајм во Билбао го направи еден од најпознатите архитекти во светот, Фондацијата Луј Витон, отворена во октомври оваа година, беше поздравена од нејзиниот сопственик како ремек-дело, Центарот Помпиду во Париз организира прва голема ретроспектива на неговата кариера во Европа… несомнено е дека 85-годишниот архитект Френк Гери, го достигна својот ѕвезден статус… А тој, продолжува да работи со својот молив, со компјутерската поддршка, со своето искуство, енергија и креативност… во октомври е отворена и првата негова зграда во Латинска Америка, Музејот на биодиверзитет во Панама, поставен е камен-темелник на Фондацијата Лума во Арл… во градба се повеќе од 20 негови објекти во целиот свет.
*Прилог: некои од изведените објекти на архитектот Френк Гери: – Музеј за дизајн Витра, Германија (1987); – Центар за забава во Евродисн (1988 – 1992); – Центар за ликовни уметности во универзитетот Толедо (1990-1992); – Музеј на уметноста Фредерик Веисман, Минеаполис, Минесота, САД (1993) – Спортски центар во Анахаин (Калифорнија, 1993-1995); – Американски центар во Париз (1990 -1994); – Кинотека на Франција (1994); – Куќа која танцува, Прага, Чешка (1995); – Музеј Гугенхајм во Билбао, Шпанија (1997) – Станбена населба Дизелдорф, Германија (1999); – Спортски центар во Анахаин (Калифорнија, 1993-1995); – Банка во Берлин (1996-1999), – Нова царина во Дизелдорф (1999); – Кула Гери во Хановер (2000 – 2001); – Experience Music Project, Seattle, SAD (2000); – Музеј на толеранција Ерусалим, Изреал (2002); – Концертна сала Волт Дизни, Лос Анџелес, САД (2003); – Онколошки центар во Данди, Велика Британија (2003); – Павилјон Џеј Прицкер и пешачки мост БП, Чикаго, Илиноис, САД (2004); – Зграда IAC, Њујорк, САД (2007); – Уметничка галерија, Торонто, Канада, (2008); – Центар за рак, Архус, Данска (2010); – Облакодер во Њујорк (2011); – Опус Хонг Конг во Кина (2011);