Октомври е месец посветен на правилната исхрана, а на 16 октомври светот го прослави Меѓународниот ден на храната. Темата оваа година е „Никој не смее да биде запоставен!“.
Како што покажува статистиката, во последните седум години бројот на неухранети луѓе во светот е зголемен од 785 на 828 милиони, а дури 99 отсто од неухранетите живеат во таканаречените земји во развој. Меѓу гладните во светот процентот на жени се искачува и до 60 отсто, а речиси 20 милиони новороденчиња немаат прифатлива килажа. Се проценува дека неухранетоста е главната причина за смрт кај половина од децата кои умираат пред 5-годишна возраст. Само минатата година, на 193 милиони луѓе им беше потребна хуманитарна помош во храна за да преживеат, а се проценува дека иако можеби не се на работ на гладување, повеќе од три милијарди луѓе во светот не можат да се хранат во согласност со принципите на правилна исхрана.
И бројот на оние кои се соочуваат со недостиг од основни прехранбени производи поради воените конфликти, миграцијата, нееднаквоста и сè уште актуелната пандемија постојано се зголемува. Дополнителен проблем е уништувањето на шумите заради самото производство на храна, што доведува до деградација на почвата, недостиг на вода и намалување на биолошката разновидност, зголемување на штетниците и болестите, но и климатските промени, за кои, според некои извори, може да биде одговорно и сточарството.
Меѓутоа, постои и друга страна на медалот. Истражувањата покажуваат дека секој четврти возрасен човек во светот е со прекумерна тежина или е гојазен, 120 милиони деца на возраст од 5 до 19 години се гојазни, додека повеќе од 40 милиони деца се прекумерно наранети. Покрај тоа, се проценува дека до 2030 година, трошоците за лекување на болести поврзани со прекумерна исхрана, како што се дијабетес, кардиоваскуларни болести, гихт, ќе изнесуваат на светско ниво околу 1,3 трилиони долари годишно.
А за да бидат работите уште полоши, податоците на Агенцијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) покажуваат дека годишно се фрлаат околу 1,3 милијарди тони храна во светот, што значи дека, во просек, речиси една третина од храната завршува во корпа за отпадоци. Од тој број, на патот од нива до продавница, пропаѓа околу 14 отсто од сите намирници, а дополнителни 17 отсто завршуваат како отпад од продавниците, рестораните и крајните конзументи.