Невладината организација „Цивил“ организира одбележување на годишнината од „Шарената револуција“ со мултимедијална изложба и хепенинг под насловот „Протест(и) – потпис на револуцијата“. Како почеток на протестите „Цивил“ го земаат 12-ти април, датум кој, како што велат од таму, го означува граѓанскиот отпор кон недемократскиот режим во Република Македонија.
Изложбата го опфаќа периодот од протестите за Мартин Нешковски, па натаму.
„Овој ден ја означува борбата за слобода и демократија што сѐ уште ја водиме. Во периодот од 2011 до 2017 реки од граѓанки и граѓани со барања за демократизација на државата и општеството течеa по улиците низ целата земја. Целиот овој период, фотографски, меѓу нив се трудевме да ги забележиме сите мигови кои ни минуваа пред објективите. Во чест и почит кон сите оние што беа спремни јавно и упорно да ги постават своите барања, го подготвивме овој мултимедијален настан под име „Протест(и)“. Ве повикуваме заеднички да ја потпишеме Револуцијата!“, порачуваат од „Цивил“.
Мултимедијалниот настан е финансиран и поддржан од Собрание на Град Скопје и Министерството за култура, а во организација и заедничка соработка на Александар Кондев, фотограф, со ЦИВИЛ – Центар за слобода, Кирил Михаилов, архитект, Ирена Стеријовска, режисерка и граѓанска активистка и студиото „Imagine“.