Друштвото на ликовните уметници на Македонија вечер во галерискиот простор во Домот на Армијата ќе ја отвори 31. изложба „ДЛУМ Графика“, а Уметничкиот совет на ДЛУМ ќе ја додели наградата за најуспешно дело.
Годинава на изложбата ќе учествуваат 16 уметници, а ќе бидат претставени 26 дела.
ДЛУМ соопшти дека и оваа, како и претходните 30 изложби, изобилува со современи размислувања кои, пренесени на графички лист, го носат печатот на времето.
„Иако беше услов делата да бидат со формат 40 на 60 сантиметри, прифатени се и некои помали со оглед на нивниот квалитет. Дозволени се сите техники, а уметниците имаа можност да се претстават најмногу со три дела. Годинава ќе се додели само прва награда и таа ќе биде организирање самостојна изложба. Веќе од наредната се подготвуваат нови критериуми за учество на изложбата, а првата награда ќе биде материјална”, велат од ДЛУМ.
Првата графичка изложба на ДЛУМ е организирана во 1971 година, кога наградата за најдобра графика ја добил уметникот Томислав Крмов.
„Оттогаш, преку традиционалните техники на високиот и длабокиот печат, денес веќе и се почестата уптотреба на дигиталното печатење, својот авторски придонес го втиснале голем број ликовни уметници, правејќи ја оваа манифестација значајна на ликовната култура во Македонија“, соопшти ДЛУМ.