Вчера вечер, 30.01.2025 г. во салата на Советот на Општина Центар, се одржа годишниот состанок на Македонската мрежа на градски морфолози (ММГМ), каде што членовите и поддржувачите на мрежата дискутираа за актуелни истражувања, иницијативи и прашања од областа на урбаната морфологија, урбанизмот и архитектурата.
Првата презентација беше одржана од основачот на ММГМ, д-р Тодор Стојановски, кој говореше за улогата на урбаната морфологија во рамките на организацијата ИСУФ (International Seminar on Urban Form) и активностите на Македонската мрежа во последната година, со посебен осврт на претстојната научна конференција ИСУФ 2025 што ќе се одржи во јуни во Торино.
Следеше кратка пауза, по што Дарко Арсовски Петровски го презентираше својот прирачник за дизајнот на улици за велосипедски сообраќај, што претставува новост во оваа област. Во неговото излагање, се напомена дека велосипедизмот во Скопје е во пораст, но сè уште се соочува со многу предизвици. Градот има потенцијал за развој на велосипедската инфраструктура, но постојат брони клучни проблеми кои ги обесхрабруваат велосипедистите. Прирачникот дава увид во овие проблеми, но и решенија за надминување, на истите, во соработка со институциите, политичарите, урбанистите, сообраќајните инженери итн.
Архитект м-р Ирена Атковска ја отвори темата за микроклимата на чардаците во македонската традиционална архитектура. Таа претставуваше истражувања работени во нејзината магистерска теза во Токио, поврзани со вернакуларната архитектура и нејзините климатски аспекти.
Како последен говорник, ко-основачот на ММГМ, д-р Дамјан Балкоски го презентираше своето истражување на тема “Oдржлива урбана трансформација на погранични градови преку примена на концептот ‘создавање места’ (placemaking)”, ставајќи акцент на улогата на урбаната морфологија во процесот на трансформација на овие градови и гранични простори.
Овој настан уште еднаш ја потврди важноста на размената на знаења и искуства во полето на урбаната морфологија, како и потребата од понатамошно зајакнување на македонската академска и истражувачка сцена во оваа област.
Со овој годишен состанок, ММГМ ја зацврсти својата посветеност кон развојот и унапредувањето на урбаната морфологија во Македонија, а истовремено постави нови насоки за идни активности и соработки на национално и меѓународно ниво.