Утре (11 декември) во просториите на клубот ГЕМ во Скопје ќе се одржи Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – AICA Македонија, со почеток во 17 часот.
Програмата на настанот во организација на Управниот одбор на AICA Македонија се состои од неколку теми: Доделување на наградата „Ладислав Баришиќ“ за најдобар истражувачки проект од областа на ликовната критика на годинашните добитници Ивана Васева и Филип Јовановски, и презентација на нивното истражување „Колективното делување како политичка, а неорганизациска одлука“.
Потоа, претставување на истражувањето „Некомплетна архива на една кратка историја на критиката и кураторството во Македонија“ (Презентација на новата веб страница на AICA Македонија, Зоран Петровски; „Некомплетна архива на една кратка историја на критиката и кураторството во Македонија“, проект на Јованка Попова, Зоран Петровски, Марика Бочварова Плавевска и Ана Франговска).
Во последниот дел од настанот следи работна сесија „Ликовна или визуелна уметност?“, конципирана и модерирана од Сафет Ахмети. (Горан Јанев, „Забрзано поврзување: антрополошки третирана уметност“; Софија Грандаковска, „Што опросторува сликата?“; Славчо Димитров, „Ан-анархични сензориуми на бидувањето-во-заедничкото: Размените помеѓу политичкото и естетското“).