Насловна / Архитектура / Го сакам ГТЦ на архитект Живко Поповски

Го сакам ГТЦ на архитект Живко Поповски

Во спомен на соработникот на Порта 3, професор на Архитектонски факултет, Скопје- архитект Гоце Аџи-Митревски (1946-2014):

ГОЦЕ АЏИ-МИТРЕВСКИ

Го сакам ГТЦ, зашто нема Врати!

Кои се отвораат и затвораат, кои се отклучуваат и заклучуваат, нема работно време, од осум (8) до дваесет и два (22) …!

Таму, може да влезете и да излезете, кога сакате и од каде сакате. Кои и да сте!

Од секоја страна на Градот, да ја почувствувате пријатната недоумица да сакате да бидете таму, да застанете, да седнете, да се шетате, да талкате низ неговите улици и улички, или да продолжите понатаму во сите правци, во сите широчини на Големиот Град!

27382BC28017D547AFA427E8D60CA2FD

На исток кон квартовите и Железичката станица, на запад, кон Плоштадот и понатаму кон Булеварите, на север кон Реката, покрај и преку Реката, на југ кон Паркот и народ. Собрание, и потаму !

Таму можете да пристапите со сите можни механики и моторики!

Рамно, по скали, по рампи, надолу или нагоре!

Лесно и Лагодно за секого, сами или заедно, без да го менувате вниманието!

Струењето на воздухот, е неговата посебна вредност, кое го модулираат промените на времето, исто како и променливоста на текот на времето на луѓето!

И, сите овие можности, се силно поддржани од едноставноста и јасноста на присвојувањето на просторот!

Вака некако би ви одговорил ако ме прашате што е демократски Простор? Што е демократски Град, демократски Урбанизам!

Што е Архитектура?

ГТЦ е, навистина, „Архитектура на град“, еден покриен „плоштад“, можеби би се сетил на една античка Агора, и секако, на Чаршија…!

ГТЦ е повеќе од Зграда, тоа е еден Модерен Градски Предел, Пејзаж низ кој минува „градот“, го поддржува и го обликува движењето како траење и како обновување.

ГТЦ е Етички проект, кој ја препознава и на мајсторски начин ја надоградува Тангеовата визија на Скопје-Град на иднината, кој е, денес, нашата суштествувачка стварност, го сакале тоа или не…!

ГТЦ не е „Сити мол“, не е „Хангар на ледина“, тоа е еден „Организам“, кој го одржува и го стимулира „пулсирањето“ на градот! Едно од неговите „Градотворни Ткива“!

ГТЦ е, како забележувате, Крстопат, Чаршија на 20 и 21 век, кој моќно ја означува новата историја на Скопје !

ГТЦ е еден Топографски Предел, кој нема класична Обвивка, нема Фасади кои искажуваат ваков или онаков стил, тоа е улица, флуид што трае, пасаж, премин во интервали на чекорот…

ГТЦ е Место! Место на идентификација, поистоветување со градот, кое ја создава свеста за градот!

ГТЦ е Право на Град!

ГТЦ е Архитектонска Творба, со висока Композициска и Уметничка вредност, Оригинално дело кое силно ја обележа Современоста на Градот во 70 год.

ГТЦ е една „Прилагодлива Машина“, Мега-Склоп (Сложувалка) кој не престанува да функционира и во време на кризи и транзиции од секаков вид, која се самопреобразува на чудесен начин…!

ГТЦ е Конструкторско Откритие на своето време!

ГТЦ му ја донесе Модерноста на градот, како негово цивилизациско „впишување“.

ГТЦ е голема поука/лекција за студентите по архитектура и за професионалците, но, верувам, и воопшто, за граѓаните.

ГТЦ е помалку Естетика, повеќе Етика (ако го парафразирам познатиот дизајнер Филип Старк).

После 40 години „обзнанување“ на неговите вредности и неговото делотворно и активно вклучување во животот на Градот, време е ова Архитектонско Дело, ГТЦ на арх. Живко Поповски, да биде Заштитено како Споменик на Културата, како Културно добро од Јавен Интерес!

Правни Инструменти на заштита!

Тоа подразбира строги правила на заштита, проекти за заштита на ГТЦ, кои би ги зачувале Авторството и Автентичноста на Творбата, кои ги препознаваат делотворните промени кои би придонеле кон подигнувањето на неговите основни вредности и траење.

ГТЦ

Го сакам бидејќи високо го респектирам како дело и како автор кои му оставаат едно вредно културно наследство на Градот, на сегашноста и на иднината! Вредност, како трајна идентификација!

Скопје = ГТЦ !

Гоце Аџи-Митревски, архитект, јули’13.

Преземено од Глобус

Еден коментар

  1. Глупости!

Испрати коментар

Scroll To Top