Во Кина минатата година започнала изградба на 96% од сите нови термоелектрани на јаглен во светот, најавила 81% од новите проекти во оваа технологија во светот и пуштила во погон 68% од сите термоелектрани на јаглен во светот. Ова го покажуваат наодите во извештајот Global Coal Plant Tracker, кој го подготвува Global Energy Monitor.
Во своја одбрана, Кина истакнува дека новите електрани на јаглен ќе бидат само резерва за варијабилното производство од капацитетите во обновливи извори. Извештајот покажува дека Кина пуштила во работа повеќе од 191 GW нови електрани на јаглен во изминатите пет години, или 64% од сите нови проекти на јаглен кои почнале да работат ширум светот во периодот 2019-2023. Но, и покрај рекордите во изградба на термоелектрани на јаглен, сепак зелената енергија незапирливо ја освојува оваа земја. На крајот на јануари, Кинескиот совет за електрична енергија (CEC), соопштил дека инсталираниот капацитет за користење на енергијата од ветерот и сонцето во 2024 година за прв пат го надминува оној на јаглен. Кина има зацртано да биде климатски неутрална до 2060 година. Во 2023 година Кина има инсталирано еднаков капацитет во фотонапонски електрани, колку целиот свет во 2022 година.