На отварањето на Салонот на архитектура во Белград доделени се награди и признанија за кои се натпреваруваа 78 трудови кои влегле во најтесниот избор.
Најпрестижната награда Гран При, односно големата награда на Салонот доделена е на Анѓелка Карабашевиќ и Владислав Суџум од архитектонското биро „АКВС архитектура“ за проектот „Летна куќа“, реализиран во местото Радановиќи во близна на Котор, Црна Гора.
Четири летни куќи се поставени во планините во Црна Гора, на само неколку километри од Јадранското Море. Проектот ги истражува потенцијалите на отворен простор за живеење во однос на заедничката идеја дека само затворени подрачја се сметаат за простори за живеење или поседување.
Проектантите одлучиле наместо многу затворени простории и една отворена тераса, да проектираат еден затворен простор и неколку отворени и полуотворени површини, на тој начин сакале да ја замаглат границата помеѓу живеалиштето и неговата природна околина и директно да ја интегрираат архитектурата со околината. Односот на отворени и затворени простори е 3: 1.
Затворените простори се засенчени и приватни и се состојат од една соба, бања и мала кујна. Отворените места за јадење се наоѓаат помеѓу соседните куќи, ориентирани исток-запад, така што сонцето ќе стигне до просторот и на почетокот и на крајот на денот. Летните простории во предниот дел се заштитени од врнежи со поликарбонатен транспарентен покрив, но визуелно се отвораат кон небото, изложени се и на сончева светлина и на ладење од морскиот воздух од запад, „што ги прави совршено место за спиење под отворено небо за време на топлите летни ноќи или за мечтаење за време на дождливото попладне“, велат од „АКВС архитектура“.
Терасата на покривот е целосно отворена и проодна, нуди прекрасни погледи на дивата вегетација, карпестите високи планини, морскиот хоризонт и прекрасното Острово на цвеќето.
Нејасните граници и површините на поврзување создаваат приватност, од засенчени и затворени внатрешни области до отворени панорамски кровови. Објектот може да функционира како четири единици за одмор и како едно живеалиште со серија отворени простори за дружење.
Невидливите просторни врски постигнати низ комплексот за домување – визуелни, акустични, миризливи и топлински – овозможуваат сите индивидуални простори меѓусебно да се преклопуваат.
„Кога се живее во таква куќа, може да се слушнат луѓе кои разговараат на покривот, трчање на отворено, скара во предната градина, чекорење, сите звуци во исто време. За разлика од традиционалната куќа за одмор каде што луѓето имаат тенденција да се раздвојат во мали групи и да користат поединечни простории, меѓусебните простори создаваат сценарија за спонтана социјализација меѓу соседите“, велат проектантите.
Салонот на архитектура ќе трае до 30. април 2019. година.