Претставници од СВР Скопје и полициската станица во „Ѓорче Петров“ одржаа работна средба со претседателите на урбаните и месни заедници и членовите на советите на која се разговараше за проблемите од безбедносен аспект, кои непосредно ги засегаат граѓаните.
На средбата беше посочено дека во последно време се зачестени кражбите и другите кривични дела на целата територија на општината, но се напомена дека е евидентно и зголеменото присуство на мобилните полициски екипи на терен.
Како најгорлив проблем се наведуваат главните сообраќајници во општината и тоа улиците „Ѓорче Петров“, „4 јули“ и „Радушка“ каде воопшто не се почитуваат поставените знаци, а пешаците страдаат токму заради пребрзото возење на посочените улици.
Оттаму посочуваат дека граѓаните и полицијата заклучиле дека треба да се вратат во употреба „лежечките полицајци“ како превентивна мерка која во минатото даваше резултати, а пешаците се чувствуваа побезбедни.