Конкурсен труд: Втора награда
Улица „Повшетова“, Љубљана 2021
Автори: Роберт Потокар, Ајдин Бајрович, Викторија Богданова, Ravnikar Potokar arhitekturni biro d.o.o.
ПРЕОБМИСЛУВАЊЕ НА ПОСТОЕЧКИТЕ АРХИТЕКТОНСКИ БИТИЈА
Територијата на сегашниот центар за рециклажа, составен од линиски објекти со индустриска намена, требаше да се преобмисли во современа населба за домување. Дополнително, во невидливите агли на решението, требаше да се предвиди и смести Центар за управување со отпад, без да се наруши квалитетот на местото како извонредна локација за градско живеење.
Редефинирањето на постојната сервисна функција во нова населба за домување претставува суштинска промена во доживувањето на оваа ценета територија, овој пат наменета да им служи на граѓаните кои ќе го населат својот нов дом на Градскиот плоштад „Повшетова“.
Блиската околина на парцелата е ограничена од фрагменти на индивидуално домување – куќи спрема југ, два студентски дома и Средна школа спрема запад, Установа за отслужување затворска казна кон север (близу реката Љубљаница) и повеќесемејно домување кон исток. Морфолошката структура на урбаниот јазик на околината е хетерогена и се појавува во различни размери. Новопроектираните станбени блокови целат кон едно урамнотежување на различните околни правци на движење и изграденост: ја следат единствено северната улица „Повшетова“. Сите останати правци се подредени на внатрешната структура и на органското разместување на станбените единици.
Со други зборови, присуството на разиграните атриуми воспоставува една нова неортодоксна мрежа на градско ткаење: динамична ортагоналност чија неправилност го воедначува мешовитиот контекст на суптилен и ненаметлив начин.
ЗОШТО АТРИУМСКА ТИПОЛОГИЈА?
Новопроектираните урбани блокови – 6 атриуми – претставуваат современ превод на архитектонскиот јазик на домување во повеќестанбените објекти во центарот на Љубљана. Постојат неколку култни објекти, нанижани во подножјето на ридот под Љубљанскиот замок, чиј внатрешен двор е искуствено нагласен со присуството на ганк (gank): елемент на традиционалната словенечка архитектура, страничен отворен коридор кој го издолжува живеењето надвор од рамките на домот, од одвоеното кон заедничкото.
Ганкот во новите урбани блокови може да го разбереме како еден отворен, просторен ѓердан на заедничко домување, околу кој се нанижани варијациите на станбени единици, произлезени од локалните начини на живеење, домување и дружење во рамки на градот.
ГРАДСКАТА ПРОМЕНАДА – ПОМЕЃУ АРХИТЕКТОНСКОТО И ГРАДСКОТО
Додека ганкот – небесната колективна улица – е присутен како централна тема во внатрешноста на станбените единици, препознаена и преземена од лекциите на стара Љубљана, променадата се манифестира на различни начини низ и помеѓу објектите на целата територија.
Теренот е во пад, што овозможува поделба на површината на висок (зелен, јужен) и низок дел (поплочен, северен), одвоени со денивелациски прекин, означен со централната лонгитудинално поставена променада на соседството.
- Во високата зелена половина, трите атриуми се пониски, поотворени и наликуваат на вили ориентирани кон зелените парковски површини кои изобилуваат со безбедни детски игралишта. Приземните делови се предвидени за колективно домување.
- Во ниската поплочена површина, трите атриуми се повисоки и наликуваат на кули, а просторите помеѓу нив се поплочени плоштади со јавна функција во приземјето: ателјеа, изложбени простории, угостителски објекти.
На источниот и западниот агол од лонгитудиналната променада, се случува исклучок. Кон запад, променадата истекува како инка кон северниот огранок на реката Љубљаница, создавајќи амфитеатрален пад, рамка-плоштад. Кон исток, променадата завршува во изложбениот павилјон на збирниот центар, кој е замислен како едукативен застаклен фрагмент од Центарот за управување со отпад, кој е целосно пристапен од источната улица на опфатот, но е сокриен и вкопан за да спречи звучни вознемирувањa на жителите на населбата.
Сите единици на домување се двострано ориентирани: кон внатрешниот двор и внатрешната небесна улица, и кон надворешните дворови и плоштади. Поставеноста во рамките на една атриумска структура е кон југ, исток или запад, додека северниот дел е доделен на скалишните јадра. Двостраната ориентација нуди двоен начин на издолжено домување надвор од домот, со прекрасни погледи кон околината, и природно осветлување и проветрување на становите, и бескрајни варијации на можни сретнувања помеѓу соседите во и надвор од рамките на домот, блокот и населбата.
КАКО Е ПОСТИГНАТА НЕПРАВИЛНАТА МРЕЖА НА УРБАНО ТКАЕЊЕ?
Геометријата на населбата е ортогонална, но се случуваат просторни поместувања во самата станбена единица. Длабочината на балконот во едниот дел на единицата е балансирана од длабочината на (прет)просторот за складирање. Не постои подрум за складирање; подземните нивоа се решени како паркинг. Складирањето се третира како дел од живеењето кој е близок до домувањето. Поместените балкони имаат додатна функција да го препречуваат директниот поглед помеѓу балконите на соседите, а се целосно отворени кон игралиштата и отворените колективни простори. Кон внатрешниот атриум, поместувањата на просторите за складирање создаваат нежно нагласени влезови на секој поединечен стан, со едно чувство на интимност и дом пред прагот и пред кујнскиот прозорец.
`
НАСЕЛУВАЊЕ НА ПЕРСПЕКТИВАТА НА ЗАМИСЛЕНИТЕ ГРАЃАНИ
Додека ја мапиравме и реформулиравме врската помеѓу постојната урбана матрица и нашата проектантска интервенција, истовремено го редефиниравме начинот на живеење во соседството. Овде, на сликата, се прикажани неколку од приказните кои подоцна беа имплементирани во визуелните наративи на проектот, не како финални продукти, туку како истражувачки експерименти во различни фази на проектантскиот процес.
Овој увид во човековото искуство ни дозволи да согледаме и да подобриме некои карактеристики на просторните елементи во атмосфери, кои човек не може да ги доживее гледајќи „од горе“. Градењето на замислените актери на оваа урбана драма ни помогна и во визуелното претставување на предностите на нашиот проект.
Наративите на замислените актери ги сместивме и во детал-пресеците. На цртежот може да забележите приказна која се развива на кујнскиот прозорец како момент на сретнување помеѓу мајката која готви и детето кое си игра на небесната улица.
Овие замислени личности се движеа поблиску и подалеку од нас во нашите перспективни цртежи, дозволувајќи ни нам и на читателите да го набљудуваме проектот, не како надворешни оценувачи, кои гледаат апстрактна композиција на волумени, туку како жители кои може да почувствуваат еден дијаграмски поглед на проектираната ситуација, како рендген слика на духот на ова архитектонско ткаење.
Автор: Викторија БОГДАНОВА, дипл. инж. арх.
Викторија Богданова (PhD) е уметница и архитектка, посветена на поемоцртањето како процесен и аналитички инструмент на истражување-низ-проектирање на архитектурата и градот. Ја изложува својата работа на настани за уметничко и архитектонско истражување во Љубљана, Архус, Лисабон, Берлин, Гент и Трондхајм. Од 2014, ја развива и својата педагошка пракса во институционални рамки на Факултетот во Скопје и во Љубљана, а од 2020 работи како самостоен проектант и ментор за цртање и пишување архитектура. Таа е соосновач на образовната платформа Archi | Contemplatives за изучување и истражување на книжевни, цртачки и контенмплативни пракси на архитектонско творење.