Насловна / Архитектура / Гимназијата Кагава на Кензо Танге ќе се урива

Гимназијата Кагава на Кензо Танге ќе се урива

На иконичната зграда очигледно и треба скапа реставрација, а локалните власти сметаат дека е поповолно да се урне.

Гимназијата на профектурата Кагава во Такаматсу од 1964 година, дело на јапонскиот архитект Кензо Танге, добитник на наградата Прицкер, од 2014 година е под закана од уривање, по затворањето поради прокиснување на кровот.

1

Локалниот гувернер, Тојохито Икеда, неодамна потврди дека објектот ќе биде урнат, што предизвика гнев и тага кај локалното население, кое е многу приврзано со култната зграда и кое започна петиција за нејзино спасување, предводена меѓу другите и од архитектот Норијуки Каваниши.

2

Бетонската гимназија Кагава има карактеристична овална структура – со намера да потсетува на традиционалниот јапонски дрвен чамец – што се издигнува од двете страни и е носена од четири огромни столбови. Овој посебен облик го отежнувал поправањето на неговиот бетонски кров. Зачувувањето на зградата, всушност, би чинело две милијарди јапонски јени – приближно 14 милиони евра.

3

Во моментов, во близина, во изградба е нов спортски објект проектиран од SANAA. Светскиот фонд за споменици веќе предупреди дека овој нов проект може да претставува закана за иднината на салата и поради ова во 2018 година ја вклучи на својата листа „World Monuments Watch 2018“.

4

Иако времето на уривање на објектот допрва треба да се објави, Каваниши верува дека работите би можеле да започнат за неколку години и повикува на поголема свест за важноста на архитектонската конзервација во Јапонија.

Испрати коментар

Scroll To Top