Гевгелија наскоро ќе добие нова сала за кошарка која ќе биде во состав на модерен спортски комплекс заедно со сала за фитнес, отворено кошаркарско игралиште,фудбалски терен и трим патеки.
Комплексот е лоциран во близина на градот, во Негорски бањи, а негов инвеститор е конфекцискиот гигант „Ноел“ од Гевгелија.
– Салата ја градиме според строгите правила на ФИБА. Таа е во завршна фаза, целосно е уредена. Нејзиниот капацитет ќе изнесува 500 седишта и ќе биде наменета за подготовка на првиот тим на прволигашот „Кожув“ за настапи на младите кошаркари, но и за одржување други натпревари, рече претседателот на клубот,Томица Главчев.
Тој појасни дека на покривот на салата ќе бидат поставени панели за напојување со енергија од сончевите зраци. Пред почетокот на новото кошаркарско првенство ќе биде освежена и спортската сала „26-ти април“ во Гевгелија, каде што „Кожув“ ќе продолжи да ги игра натпреварите на домашен терен.
Главчев информира дека на местото на стариот ќе се постави нов паркет, според светските кошаркарски стандарди и нови кошеви кои ќе се монтираат на паркетната подлога.