Германските производители на автомобили и претставници на владата договорија план за „спас“ на дизел моторите. Главната причина се најавите на поголем број германски градови да ги забранат дизел возилата во урбаните средини. Како одговор на оваа закана производителите ќе ги надградат моторите кои исполнуваат еуро5 и еуро6 до дополнителен софтвер со кој ќе ја намалат емисијата на штетни гасови за дополнтелни 20%. Се проценува дека оваа „попрвака“ ќе чини околу 100 евра по возило, а повиците за сопствениците на овие возила веќе започнаа. Прв беше “Мерцедес„ кој веќе повика 3.000.000 возила на овој сервис, а Ауди исто така веќе направи план за надградба на 850.000 дизел возила. „Порше“ соопшти дека размислува за напуштање на прозиводството на автомобили на дизел погон.
По големиот скандал со дизелот, најголемата гранка на индустријата во Германија, ја потресува нов удар, а последиците ќе се знаат по завршувањето на истрагата која ја водат телата од Европската унија и Германија, за која официјално е потврдено дека е започната. Имено, како што пишува германскиот “Der Spiegel”, стотина менаџери на германската тројка VW (вклучувајќи ги Audi и Porsche), Daimler и BMW соработувале во над 60 работни групи и одлучувале за низа прашања со цел сузбивање на конкуренцијата. Наводно, после „дизелгејт“ низата инспекциски прегледи и истраги во самата компанија, челниците на Volkswagen испратиле писмо до германските власти во кое го наведуваат своето признание за учество во картелско однесување. Се шпекулира дека ваквите недозволени односи помеѓу „големата тројка“ потекнуваат уште од деведесеттите години на минатиот век, и се однесувале на низа технички и економски прашања поврзани со производствениот процес, пласманот и развојот на возилата.
Се тврди дека дури и аферата „дизелгејт“ делумно е последица од картелското стопанисување, бидејќи меѓусебното договарање за одредени технологии довело и до тоа употребата лажни софтверски алатки да стане единственo можно решение за „штелување“ на резултатите од емисијата на штетни гасови. На сите овие тврдења, компаниите или не се огласиле воопшто со нивен коментар, или пак коментирале дека сето тоа се само гласини. Германската автомобилска индустрија вработува 800.000 луѓе во оваа земја, и учествува со 20% во вкупните приходи.