Германскиот таблоид Bild објави листа за приватизација со која доверителите на Грција би дошле до пари, а на која се наоѓаат плажи, марини, два владини авиони, 2.500 згради во сопственост на Министерството за култура и над 77.000 други недвижности во сопственост на грчката држава.
Bild на насловната страница пишува дека овие недвижности може да се вклучат во новиот фонд за приватизација чие основање е наложено со минатонеделната спогодба на Грција и останатите држави.
Наведувајќи дека американскиот магнат Ворен Бафет неодамна купил едно островце во близината на Атина, весникот пишува дека кандидати за продажба се државните плажи на Пелопонез, марините во Алидаурус и на островот Идри, пристаништата во Пиреј и Солун, стадионите изградени за Олимписките игри 2004 година и поранешната американска воена база на Крит.
Меѓу предлозите на Bild се и 14 грчки регионални аеродроми.
Со спогодбата на Грција и останатите држави на еврозоната е предвидено во новиот фонд за приватизација да се вклучат недвижности со чија продажба би можело да се дојде до 50 милијарди евра, од што половината би била за рефинансирање на банките, четвртина за отплата на државниот долг и четвртина за проекти од развој.
Официјално сé уште не е утврден списокот на државни недвижности за продажба бидејќи се очекува дека тоа ќе биде дел од наредните преговори за Грција и нејзините доверители за новиот пакет кредитна помош.