Седум термоцентрали на јаглен во Германија ќе престанат со работа на истекот на оваа грејна сезона. Претходно федералната влада реактивираше пет термоелектрани кои беа во резерва со цел да се избори со недостатокот на гас во текот на зимата, а уште две имаат дозвола да продолжат со работа и после планираниот датум за исклучување.
Електраните се наоѓаат долж Рајна и Бранденбург околу Берлин. Плановите на Германија за напуштање на јагленот претрпеа драматични промени по почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година. Така, на сметка на енергетската сигурност, работењето на електраните на јаглен придонесе за покачени eмисии на стакленички гасови. Но, и покрај тоа, Германија нема поставено премногу амбициозна цел за целосно напуштање на јагленот. Трите владеачки партии ја имаат зацртано 2038 година како краен рок, но се надеваат дека тоа ќе се случи до 2030 година.