Косово ќе добие од Германија 72,1 милиони евра во рамките на билатералната програма за развојна соработка за проекти кои вклучуваат пречистување на отпадните води, подобрување на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија. Во наредните две години овој износ ќе биде инвестиран во три сектори – модернизација на косовскиот енергетски сектор, евроинтеграции и одржлив економски развој. Од вкупниот износ, 34 милиони евра се неповратни средства, додека остатокот се долгорочни кредити кои ги субвенционира германската влада. Компанијата „Термокос“ задолжена за далечинското греење во Приштина, ќе добие кредит од 24 милиони евра за соларно-термален проект, додека операторот на преносниот систем KOSTT ќе се задолжи 13,5 милиони евра за модернизација на мрежата. Поддршката во процесот на интеграции во ЕУ вклучува проекти за подобрување на канализационите мрежи и управување со отпадни води во согласност со стандардите на ЕУ. Во енергетскиот сектор, германските инвестиции ќе ја подобрат енергетската ефикасност и ќе го зголемат уделот на обновливите извори на енергија, главно на соларната енергија, соопштува Министерството за финансии на Косово. Амбасадорот на Германија во Косово, Jorn Rohde рекол дека неговата земја е најголемиот билатерален донатор и инвеститот во Косово. „Германија ќе продолжи со значајни вложувања во јавната инфраструктура, фокусирајќи се на обновливите извори на енергија, отпадот и отпадните води“, додал амбасадорот.
Од 1999 година до денес, Германија инвестирала над 660 милиони евра во развојот на Косово.