Доколку првите проценки се покажат точни, германската автомобилска индустрија ќе ја дочека електрификацијата многу помирна и поконкурентна. Имено, последните информации покажуваат дека илјадници метри под реката Рајна се кријат огромни резерви на литиум, односно „бело злато“ како што во последно време популарно се нарекува една од најважните руди на денешницата. Геолозите веруваат дека на подрачјето на Горна Рајна во југозападна Германија има доволно литиум за дури 400 милиони електрични возила.
Германско – австралискиот стартап Vulcan Energy Resources верува дека резервите на литиум ќе ја овозможат независноста на германската автомобилска индустрија, и планира отворање на пет нови постројки за екстракција на литиум. Во овие капацитети ќе се вложат 1,7 милијарди евра, со што на годишно ниво ќе се произведуваат 40.000 тони литиум. Само за споредба, минатата година Германија увезла вкупно 5300 тони литиум. Компанијата Vulcan Energy Resources неодамна објави дека веќе проектирала, изградила и пуштила во експлоатација пилот-погон за директна екстракција на литиум, со цел да ја демонстрира физибилноста на оваа технологија. Постројката с енаоѓа во долината на Горна Рајна во Германија.
Европската Унија проценува дека побарувашката на литиум во регионот до 2030 ќе порасне за 18 пати, а до 2050 година дури 50 пати. Најголем дел од литиумот во светски рамки се обезбедува од Јужна Америка и Австралија, додека во Европа најголем производител на литиум е Португалија.