Катастрофални поплави во Европа, повеќе од 180 мртви во Германија и Белгија, стотици луѓе се водат како исчезнати, водата остави пустош.
Поплавите ги погодија и Луксембург, Швајцарија и Холандија.
Размерот на штетата станува се појасен, додека спасувачките екипи продолжуваат да бараат жртви.
Околу 700 луѓе беа евакуирани во петокот кога пукна брана во градот Васенберг, во близина на Келн.
Постои ризик браната Стајнбаштал на западот на Германија да пукне, изјавија официјалните лица, откако 4.500 луѓе беа евакуирани од куќите лоцирани во долниот тек.
Некои ги споредуваат размерите на уништување со сломот што го доживеа Германија во Втората светска војна. И исто како во војната, германската армија користи оклопни возила за отстранување на урнатините, пишува Би-Би-Си.
Зошто волку разорно?
Европа и претходно била погодена од силни поплави, но овие беа исклучителни и во однос на количеството водата и уништувањето.
Влажните воздушни маси ги блокирале ниските температури на голема надморска височина, поради што тие се задржале четири дена над овој регион, објаснува за Франс – Прес Жан Жузел, климатолог и поранешен потпретседател на Меѓународниот панел за климатски промени – IPCC.
Многу европски политичари го обвинуваат глобалното затоплување за катастрофата, додека германската десничарска АфД ги обвинува дека ги користат поплавите за да ја правдаат агендата за борба против климатски промени.
„Сè уште не можеме со сигурност да кажеме дека овој настан е поврзан со глобалното затоплување, но глобалното затоплување ги прави ваквите настани поверојатни“, изјави за Франс – Прес германскиот хидролог Кај Шретер.
Најпогодени се областите околу помалите реки и притоки кои немале одбрамбени насипи и премногу брзо биле преплавени од обилните врнежи.
Локалните власти во Германија се најдоа на удар на критики затоа што не успеале навремено да го евакуираат населението.
Хана Лук, професорка по хидрологија на британскиот универзитет во Ридинг, тврди дека предупредувањата на метеоролозите не биле сфатени сериозно и дека немало соодветна подготовка за катастрофата.
Дел од населението едноставно не било свесно за ризиците и не следело ниту две основни препораки – да избегнува престој во приземје и подрум и веднаш да се исклучи електричната енергија во објектот.
Некои експерти укажуваат и на опасноста од лошото просторно планирање и зголемената употреба на бетон во густо населениот дел од Европа.
Кога земјата е покриена со материјал како бетон, тоа значи дека не може да апсорбира толку голема количина на вода.
„Урбанизацијата одигра улога“, вели Жузел. „Дали бројот на жртвите ќе беше ист ако вакво нешто се случеше пред 40 години?