Општината Хајлброн, во германската покраина Баден-Виртемберг, одлучи да стане европска Силициумска долина и го ангажирале архитектонското студио MVRDV да проектира високотехнолошки центар за иновации во областа на вештачката интелигенција (AI).
The Innovation Park Artificial Intelligence, ќе биде голем кружен кампус кој ќе користи енергија од обновливи извори, а ќе се простира на површина од 265.000 квадратни метри. Во него ќе се сместат стартап центар, лаборатории, истражувачки центри, но и станбени објекти, ресторани, градинки, патеки за трчање и прошетка, како и скејт парк. Зградите главно ќе бидат едноставни и високи околу 27m. Исклучок ќе биде кулата со градина на покривот предвидена за комуникациски центар, а во план се и градини кои ќе служат за земјоделски истражувања во областа на AI.
Од архитектонското студио велат дека потрошувачката на енергија ќе биде околу 80% пониска отколку во сличните центри, бидејќи покривите ќе бидат прекриени со зеленило, а системите за ладење и греење ќе бидат енергетски ефикасни. Овој објект победил на меѓународниот архитектонски натпревар и се развива во соработка со LOLA Landscape Architects, како и Thornton Tomasetti, Studio Animal-Aided Design, Realace, Peutz Consult и Gruner Deutschland. Сеуште не е соопштено кога овој центар ќе биде изграден.