Германската влада сака целосно да ги укине субвенциите за plug-in хибридните возила до крајот на годинава. Покрај тоа, ќе се преполоват субвенциите за купување на електрични автомобили. Како што објавил Frankfurter Allgemeine Zeitung, субвенциите за plug-in hybrid возилата во износ од 4.500 евра се укинуваат, а субвенциите за електрични возила се намалуваат од 6.000 на 4.000 евра. Една година подоцна, тие ќе се намалат на 3.000 евра.
Ваквата одлука наиде на неодобрување кај дел од јавноста, а во името на здружението на германската автомобилска индустрија (VDA), се огласила претседателката Hildegard Müller која рекла дека потегот ќе го загрози развојот на електричната мобилност и ќе ги занемари потребите на купувачите, бидејќи plug-in хибридите служат како пионери за премин на електрична мобилност. Министерот за економија и клима Robert Habeck ја појаснил одлуката за укинувањето на субвенциите за plug-in хибридните возила, на следниот начин: “Сакаме да го изостриме фокусот на целосно електрични автомобили и повеќе да се фокусираме на заштитата на климата. Нашето мислење е дека plug-in хибридите имаат доволно купувачи и веќе не им е потребно јавно финансирање. Иако и натаму ја поддржуваме продажбата на електрични автомобили, сепак постепено ќе ги намалуваме субвенциите за нив“. Минатата година во Германија се продадени 680.000 електрифицирани автомобили, од кои 325.000 plug-in хибриди. За субвенции владата издвоила над 3,5 милијарди евра.