Од почетокот на октомври годинава, во насока на намалување на загадувањето на воздухот, германската влада им нуди на сопствениците на постари дизел возила две опции: замена на стариот автомобил за нов, или вградување на хардвер за контрола на емисијата на штетни гасови. Програмата „старо за ново“ има подршка и од автомобилската индустрија, а последен меѓу производителите кои одлучија на своите купувачи да и ја намалат цената за ново возило доколку го довезат своето претходно возило е Опел. Имено, сопствениците на автомобили од било кој бренд со ниски емисиони стандарди од Euro 1 дo Euro 4, можат да купат нов Опел со бонус кој оди и до 7000 евра. Условот е нивното претходно возило да биде повлечено од натамошна употреба и уништено. Право на бонус може да остварат и оние кои возат автомобили со стандард Euro 5, а живеат во германските области за високо загадување како Минхен, Штутгарт, Келн и Хамбург. Слични акции на своите клиенти веќе им понудиле и Volkswagen, Audi, Seat, Porsche, Renault и Mercedes.