Германија остварува многу добри резултати во контекст на развојот на обновливите извори на енергија. Германскиот Сојузен завод за статистика (Statistisches Bundesamt), го потврдува тоа преку податоците за капацитетот на соларна енергија. Имено, во Германија во април 2024 година биле инсталирани околу 3,4 милиони соларни системи на покривите со вкупен капацитет од околу 81.500 MW. Во споредба со истиот месец во 2023 година, остварено е зголемување на бројот на овие системи за 29,8%, а во поглед на инсталираната моќност се бележи раст за 20,5%.
Во текот на првите пет месеци од 2024 година, Германија забележува значаен пад на увозот на соларните панели. Попрецизно, станува збор за пад од 66%. Исто така намален е и извозот на оваа опрема за 64%. Кина е земјата од која потекнува над 80% од увозот на оваа опрема во Германија. Значителен пад е забележан и на производството на соларни модули во Германија во првиот квартал на 2024 година, и тоа за повеќе од 50% во однос на истиот период претходната година.