Анкетата спроведена од германската телевизија АРД покажува дека 60 отсто од жителите на таа земја ја поддржуваат идејата да се воведе ограничување на брзината на Autobahn, традиционален автопат каде нема ограничувања на брзината, пишува порталот Autonet.
Испитаниците се согласуваат дека најголемата брзина на возилата на досега неограничените делови на автопатот треба да биде 130 километри на час, а уделот на испитаниците кои така мислат е зголемен за три процентни поени во изминатите четири месеци.
Од друга страна, 38 отсто од Германците сметаат дека на автопатот не треба да има ограничување на брзината.
Меѓутоа, она што донекаде изненадува во оваа студија се причините поради кои испитаниците се изјасниле на овој начин.
Имено, основниот мотив за поддршка на воведувањето ограничувања на брзината не е – како што може да се очекува – безбедноста во сообраќајот на автопатите. Напротив, повеќето испитаници ја поддржаа идејата како дел од еколошката иницијатива за намалување на загадувањето на животната средина.
Истражувањето покажа дека намалувањето на брзината на автопатиштата е значително попосакувана еколошка иницијатива отколку, на пример, воведувањето дополнителна еколошка такса или дополнителна такса за месо и млечни производи.
Најнеатрактивен потег на владата за намалување на влијанието на патниот сообраќај врз загадувањето е поскапувањето на горивата – дури 78 отсто од испитаниците се против.
Затоа, Германците попрво би се откажале од неограниченото брзо возење на автопатите отколку да се согласат на дополнителни даноци, особено оние поврзани со горивото.
Иако истражувањата покажуваат дека воведувањето ограничувања на брзината на германскиот автопат може да ги намали емисиите на стакленички гасови за околу два милиони тони годишно, властите се уште не размислуваат сериозно за тоа.