Тврдината Исар се наоѓа на доминантното возвишение помеѓу реките Брегалница и Отиња, со правец на простирање север-југ во должина од околу 350 m, а од коритото на Брегалница се издига на околу 100-150 m.
Оваа тврдина потекнува од 14 век. Целосната површина во оквирот на градските ѕидини изнесува 16 600 m2. Највисоките делови на тврдината Исар опколени се со ѕидните платна кои ја следат конфигурацијата на теренот простирајќи се речиси по една иста изохипса, со висинска разлика помеѓу западната и источната страна од околу 15 метри. Јужната и северната половина на тврдината се разликуваат по концепцијата на утврденоста. Јужниот дел е изграден од широки и цврсти ѕидови кои во југозападниот дел се вовлекуваат еден во друг сливајќи се во целина на тврдината. Средишниот дел на западниот ѕид е најдобро сочуван и дел од него се одликува со најголема масивност, т.е. ширина до 2.70 метри. Издадениот северен дел од тврдината исто така има континуален ѕид. Главниот влез за наоѓал на источната страна спрема источното предградие каде се наоѓала и масивна кула која делумно и денес е сочувана.
Завод и Музеј на Град Штип покрена постапка за изведба конзерваторско-реставраторски работи на Акрополот на Тврдината Исар во Штип за чии потреби од страна ГЕИНГ КУК беа изработени геотехнички истражувања. Овие геотехнички истражувања вклучуваа соодветен обем на истражни работи кои овозможуваат во доволна мера да се дефинира литолошката градба на теренот и неговите физичко механички карактеристики со цел стабилна конзервација и реконструкција на објектите на тврдината.
За подетално прикажување на литолошкиот состав на локацијата, применети се следниве теренски истражни работи: инженерскогеолошко картирање на теренот, изведба на геофизички сеизмички испитувања, изведба и картирање на истражни бунари, картирање на отворени профили и земање оптимален број на непореметени, полупореметени и пореметени примероци од истражните бунари и отворените профили.
На предметната локација изведени се вкупно 4 (четири) истражни бунари со поединечна длабочина од 1.00 ÷ 1.20 m’ изведени во рамките на делувијалните седименти и регистрирани се 4 (четири) отворени профили во рамките на цврсти карпести маси- Штипски гранити кои се протегаат по целата должина на тврдината. Истражните бунари се изведени со рачен ископ, додека од отворените профили се фотографирани и се земени примероци за испитувања на јакосните карактеристики на карпестите маси.
Геофизичките истражувања се изведени со цел да се дефинираат сеизмолошките карактеристики на теренот како и детерминирање на евентуалните локални демормации, аномалии и дисконтинуитети. Поточно со геофизичките истражувања е направен скениран литолошки столб на теренот во длабина а со што се регистрирани Vp и Vs брзините на слоевите како и нивната дебелина.
Истражувањата се изведени со примена на сеизмички рефракциски профилирања. Изведени се 2 сеизмички профили, еден надолжен со должина од 80 и длабина од 20 m и еден попречен профил со должина од 64 m и длабина од 20 m. За интерпретација на податоците од истражувањата се користени податоци од постојните инженерско-геолошки истражувања.
Со геофизичките истражувања е овозможено прелиминарно дефинирање на истражните профили и аквизација на податоците, поставен е распоред на истражните точки за генерирање на сеизмичка енергија, овозможување на процесирање на регистрираните податоци со колерација со регионалната геологија и деталната геологија на микролокацијата како и интерпретација на резултатите.
Како резултат на геотехничките истражувања и испитувања и геофизичките истражувања направена е интерпретација на литологијата на теренот со дефинирање на слоевите, евентуалната појава и ниво на подземна вода, структурно – тектонските карактеристики, стабилност на теренот, неговите физичко – механички карактеристики како и јакосно – деформабилните карактеристики.
Сумарно од сите изведени истражувања, испитувања и анализи може се добиe јасна слика за моменталнатата геотехничка состојба на теренот, како и квалитетна подлога за натамошни истражувања и испитувања и идни градежни активности – во конкретниот случај реални подлоги за Основен Проект за конзерваторско-реставраторски работи на Акрополот на Тврдината Исар во Штип.
Автор: Данче ТОДОРОВА, дипл.инж.геол.