Доследно со успешно воспоставената практика, а за што во повеќе наврати е известувано на страниците на „Порта 3“, деветтиот ГЕОРЕКС (ГЕОтехнолошки РЕгионален Конгрес на Студенти) се одржа во периодот од 10 до 13 јули во прекрасниот Боровец, Бугарија, во организација на Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија (УАГГ) во Софија.
Дел од активностите на конгресот
На овој, веќе традиционален конгрес на студенти од областа на геотехнологијата, учествуваа над 70 академци од регионот, кои имаа можност да ги презентираат трудовите изработени под менторство на своите професори и/или асистенти. Во нив беа опфатени многу актуелни стручни аспекти, анализирани и обработувани во тек на неколкумесечна работа, со што воедно се развивани сопствените истражувачки и презентациски способности, како и критичката мисла, со оглед на тоа што е отворена можноста по тие прашања да се дискутира и дебатира со останатите учесници.
Покрај домаќините од УАГГ, на ГЕОРЕКС 2015 учествуваа и претставници од: Градежните факултети во Осијек и Ријека од Хрватска, Градежниот факултет од Скопје, Градежно-архитектонскиот факултет од Ниш и Рударско-геолошкиот факултет од Берлград, Србија, како и Рударско-геолошко-градежниот факултет од Тузла, Босна и Херцеговина и Политехнички универзитет, Санкт Петербург, Руска Федерација.
Конгресот, всушност, започна со посета на УАГГ и темелно запознавање со работата на лабораториите на тамошниот Градежен факултет, после што колективно сите учесници заминаа кон Боровец. На формално првиот работен ден, ГЕОРЕКС 2015 беше отворен со обраќања на организаторите: проф. д-р Владимир Костов – раководител на Катедрата за геотехника во Софија, доц. д-р Димитар Диков – претседател на Научниот комитет на конгресот, како и претседателот на Комората на инженери за инвестиционо планирање на Бугарија Стефан Кинарев, посакувајќи им топло добредојде на учесниците. Во рамките на свеченото отворање, презентација одржа и доц. д-р Златко Зафировски од Градежниот факултет во Скопје, кој направи ретроспектива на сите досегашни конгреси и успешно ја пренесе атмосферата од истите. После неа, во работниот дел на Конгресот, следеа излагањата на научните и стручните трудови на учесниците, меѓу кои и трите изработени од студентите при ГФ СК, во кои беа разработени следниве теми:
– Методи за анализа на интеракцијата помеѓу карпестата маса и подградбата во тунелските конструкции, изработена од Душанка Кажлевска, Дарко Ристовски и Сања Саљамовска, под менторство на доц. д-р Зафировски, каде се разработени методите што се користат за проектирање и димензионирање на подградбата кај тунелите и употребата на програмскиот пакет RocSupport за димензионирање на подградбите во слаби карпести маси. Методот за анализа кој е применет во софтверот е базиран на концептот на „крива на реакција на карпеста маса“, добиена од аналитичкото решение на кружен тунел во еласто-пластична карпеста маса изложен на хидростатско поле на напрегања. Тие ги поврзуваат внатрешниот притисок од подградбата со конвергенцијата на ѕидот на тунелот, а зависно од реакцијата на подградбата, односно соодносот на максималниот и рамнотежниот притисок во подградбата, се одредува факторот на сигурност. Детерминистичката техника е прикажана преку пример за тунелот на експресниот пат Раец-Дреново, за две карактеристични зони на карпести маси и усвоена примарна подградба, при што се добиени податоци за радиусот на пластичната зона и финалната тунелска конвергенција. Констатирано е дека програмата RocSupport во која е имплементиран методот „rock support interaction“, претставува многу ефикасна и едноставна алатка за проценка на тунелската конвергенција и големината на пластифицираната зона. Овие индикатори, од друга страна, се мошне важни за проценка на стабилноста на тунелскиот ископ, како и за типот на подградбата што треба да се примени за да се обезбеди потребната сигурност на персоналот и тунелските машини. Секако, при користење на програмата треба да се земат предвид теоретските претпоставки, а доколку тие не се во целост исполнети, добиените резултати треба внимателно да бидат анализирани и усвоени.
Крива на реакција помеѓу карпеста маса и подградбата
– Придобивки за стабилност на насип од примена на блокови од експандиран полистерен анализирани од студентите по геотехника Ангела Неделковска, Младен Атанасоски, Милана Јанкелиќ и Теодор Димитриевски, а во соработка со доц. д-р Јован Бр. Папиќ, која област во Македонија сè уште не е застапена, иако во регионот веќе има неколку успешно реализирани објекти. Имено, во услови на потреба од високи сообраќајни насипи врз слабоносиви почви, пред проектантите се јавуваат низа ограничувања, како слегање на подлогата, стабилност на косини, лимитирана експроприрана површина итн., кои ја отежнуваат изработката на решението. Тоа најчесто се реализира во форма на ублажување на косини, предвидување на берми, изведба на колови, примена на геосинтетици итн., но не сите подеднакво успешно и економски прифатливо се справуваат со изразеното слегање. Еден од неговите неизбежни чинители е големата сопствена тежина на градежниот објект, а како современо решение за сериозно намалување на слегањето се нуди примената на лесни блокови од експандиран полистерен (ЕПС) чија волуменска тежина е околу 25 пати помала од вообичаената на почвата и со кои речиси во целост може да се исполни профилот на насипот.
– За да се покаже успешноста на предлогот, на еден конкретен пример од насип врз слабоносива почва се разработени стандардните варијантни решенија за негова изведба (ублажување на нагиб на косини, изведба на берми, примена на геосинтетици). Тие се анализирани во геотехничкиот софтвер GEO5, со паралелна проверка на стабилноста на косините и износот на слегањето на подлогата. Кај сите решенија, и покрај исполнувањето на условот за доволна сигурност на косините, добиени се изразени неприфатливи деформации, за разлика од случајот кога се применети блокови од ЕПС во внатрешноста на насипот со стандарден нагиб на косини и со кои се реализираат незначителни слегања. Со нивна примена во услови на слабоносива почва се задржува континуитет во нагибот на косините на сообраќајницата, се исполнуваат сите технички критериуми (стабилност, изводливост, трајност итн.) и се обезбедува економски оправдана конструкција.
Карактеристичен попречен пресек на насип на сообраќајница изведен од блокови од ЕПС
Извод од анализа на слегање на слабоносива подлога под дејство на висок насип изведен од блокови од ЕПС
– Планирање на сообраќајни системи во урбани средини, изработена од Бојана Вржовска, Ивана Миланкова и Власе Перески, под менторство на доц. д-р Слободан Огњеновиќ. Со оглед на интензитетот на функционирање и значењето што го има, планирањето на сообраќајот претставува еден од аспектите за интегриран развој на општеството. Врз сообраќајните подсистеми директно влијаат потребата за поголеми површини и неопходноста тие да бидат доволно сигурни, што им создава дополнителни проблеми на проектантите. Заради тоа, пристапот во планирањето на сообраќајните подсистеми од сообраќајната мрежа мора да биде од интердисциплинарен тип, каде мора да се земе предвид дека секој град и неговиот сообраќаен систем имаат различни карактеристики, односно свој специфичен сообраќаен режим. Оттаму е невозможно да се генерализира и да се дојде до универзално применливи решенија, па е неопходно да се истражуваат и тестираат реалните решенија. Развојот на урбаните средини и нивните сообраќајни мрежи мораат да бидат набљудувани како целокупен процес во времето и просторот, особено што сообраќајниот систем носи широк опсег на размена во средината каде се наоѓа, што ја прави неговата интеракција со неа значително блиска.
Работна сесија со презентација на научните трудови
Секако, со внимание беа проследени и излагањата на останатите учесници, од каде можеше да се согледаат искуствата од санација на свлечишта во Хрватска и Србија и да се продлабочат знаењата од областа на стабилност на косини, заради што голема заинтересираност предизвикаа и презентациите за заштитните хидротехнички насипи. Треба да се истакне и дека во рамките на темите посебен акцент беше ставен на успешната примена на Еврокод 7, кое искуство во Македонија допрва треба да се стекнува, па оттаму е значајно – не само за студентите, ами и за инженерите – и ова кое се слева благодарение на ГЕОРЕКС.
Во преостанатиот дел од Конгресот се реализираа презентации од страна на градежни компании кои беа поддржувачи на Конгресот, па свои „минути“ имаа ЕВРО АТЛАС ГЕОТЕХНИКА АД со искуства при градба на тунели и „ROEFIX“ со примена на градежните материјали во градежништвото, а ГЕОРЕКС 2015 го збогатија и поголем број на друштвени настани во кои, меѓу другото, се организираше одмерување на спортски сили помеѓу студентите и наставниот кадар во фудбал и ватерполо, кои донесоа и голема возбуда, како на теренот така и на трибините. Оваа комбинација на научен и социјален дел, без какви било финансиски издатоци од страна на гостите, повеќе години резултира со позитивни импресии од ГЕОРЕКС, а кон плејадата досегашни учесници се приклучува и „класата“ од 2015 година. Имено, со особена чест беше прифатено да се претставува матичниот факултет на меѓународен настан, за што авторите на рефератите изразуваат искрена благодарност. Дополнително, со учеството на ГЕОРЕКС е стекнато драгоцено искуство за понатамошната професионална кариера, но и се надградени одредени животни вештини. Студентите пристигнаа со љубопитна мисла и скромни желби, но во инженерска и пријателска комуникација со големиот број на останати учесници овозможија успешно затворање на досието „ГЕОРЕКС 2015“. Имено, и гостите и организаторите го оценија настанот како успешен, имајќи предвид дека ги надмина очекувањата и создаде здрава основа за нови колегијални познанства, протекнувајќи притоа во одлично разбирање, што беа, секако, и некои од иницијалните цели за организација на Конгресот. Во таа форма тој трае веќе девет години и се упатуваат желби да истрае по нагорната патека, како би останал еден од лајт-мотивите на студентите во завршните години.
(Група студенти од Градежниот факултет – Скопје)