Природата е нешто, што е невозможно да не му се восхитуваме, нешто што непрекинато се регенерира и тоа не губејќи ништо од претходната функција и убавина. Ги набљудуваме промените, ги анализираме, се обидуваме да ги сфатиме и после да го повториме тоа што сме го забележале. Целиот овој циклус станува битен кога ќе го ставиме во корист на нашите потреби, па дури и ако се зборува за проектирање или дизајнирање на каков било објект или каква било просторија.
Геометријата е еден од најбитните извадоци од циклусот при наблудување на промените во природата, додека таа умира и повторно се регенерира до првобитната состојба. Така беше и со проектот на вила во селото Леуново крај Мавровското Езеро.
Со соединување на две помали парцели добиена е една поголема парцела со површина од 1.220м2. Над постоечкиот објект со габарит од 45м2 со стандарден изглед и стандардни функции, како сите околни објекти, викенд-куки, се врши целосна реконструкција. Како резултат на тоа се добива поинаков објект кој се разликува драстично од околните објекти. Од стандардна викенд-куќа се претвора во доминантна вила која се идентификува преку репрезентативниот нов изглед, како на самиот објект, така и на целиот двор.
Во старата состојба поради ниската катна височина на приземјето, одреден дел се користел како подрум за складирање на дрва и разни други нешта, а другиот дел како скромна летна кујна. Првиот кат освен неопходните површини како тоалет, кујна и салон поседувал и балкон со пристап однатре и однадвор, а во поткровјето има само две мали соби со минимални услови со заеднички мал балкон.
Нов сопственик и инвеститор, со посебна визија кон природата, кон убавото, кој целото ова битие ќе го претвори во друга димензија, целосно да се разликува од сè што е слично во околината. Освен другите, едно од главните барања на инвеститорот, беше употреба на елементите од геометрија, форма, материјали и друго, а како резултат на сè, новиот објект да биде во хармонија со преубавата природа којашто го опкружува.
Појдовниот момент беше од тоа што, првично да се стават во корист на живеење сите површини од габаритот, било тоа во вертикала или хоризонтала. Со зацврстување на темелите и ископување на тлото околу и под објектот се доби нормална висина на приземјето, која се води како посебен дел од целината со посебен влез. Просторно се организираше на таков начин за да ги исполни сите потреби при користење на летниот период, има кујна, трпезарија и салон од каде преку големите отвори на фасадата се овозможува директен пристап до убавиот двор, додека на задната страна има остава како утилити, за чување на дрва, алати и други потребни нешта.
Додека приземјето се користи во лето, првиот кат претежно се користи во зимскиот период. Ги содржи сите исти функции, како тоалет, кујна, трпезарија и салон и со внатрешни дрвени скали се поврзува со горниот кат каде се сместени две спални соби и една двокреветна детска соба, на истиот кат има и купатило. Плафонот е израмен и веќе наместо двоводниот покрив постои едноводен со пад кон задната страна. Со овој потег објектот добива прави линии и личи на куб.
Од сите катови, простории, преку големите стаклени површини се овозможува преубав поглед кон надвор, кон живописната природа.
Ентериерот, кој е составен од дрвен под и глетовани околни ѕидови во бела боја, се кити со преубавиот и претоплиот камин кој целосно е обложен со природни камени раси, коишто се користат и за обложување на целиот објект однадвор, додека дрвото е доминантно кај сè друго.
Екстериерот е усовршен со метална ограда од челични флахови во зелена боја, а посебен украс му дава и натстрешницата од иста структура како и оградата. Употребена е геометрија, матрица извадена од природата која е во голема хармонија со структурата на камената фасадата, арапска мушарабија создадена од мултиплицирање на ромб и квадрат, а нив им парира и дрвената столарија, која е како рамка на големите екрани – отвори.
Живописноста на природата секогаш била присутна, садените дрвја со старост околу 40 години се под заштита и се водат како дел од Нациоаналниот парк Маврово. На тие 37 дрвја им се придружени уште 78 нови млади дрвја и разни растенија претежно чемпреси, лаванди, како и нежни и убави цвеќиња кои се негуваат со голема лубов и внимание.
Целиот овој сон се опкружува со масивни ѕидови од природен камен, над кои цврсто стои геометријата, металната ограда, која ја следи играта на природата со светлото и сенката, а може да се забележи и следи од секој агол на целата површина.
На предниот ѕид под теренот се вградени три гаражи, затворени со сиви врати, кои се компатибилни на каменот.
Пристапот од улицата е преку влезната партија составена од камени скали, после кои продолжува патеката за движење, како патека од камен преку која се качуваме кај нерамниот каскаден терен од зелениот килим, а која ја дели парцелата на два дела и завршува на другиот крај од парцелата и овозможува пристап кон задната улица.
Движејќи се кон највисоката каскада се приближуваме кај каменот, кој цврсто стои, доминантно и шири позитивна енергија, целосно хармонизирана со природата. Истиот ефект не го губи и во темнина, со осветлување на екстериерот и дворот, а објектот сјае како бисер во темнина, со што уште повеке се потенцираат правите геометриски линии и форми.
Автор: Арта ХУСЕИНИ, дипл. инж. арх.