Насловна / Архитектура / Генијалниот Арсениј: Градител, архимандрит и игумен на Бигорскиот манастир

Генијалниот Арсениј: Градител, архимандрит и игумен на Бигорскиот манастир

Неповторливиот мијачки центар Галичник во текот на минатите векови ни подари низа истакнати знаменити личности, кои ни оставија врвни дела од областа на градителството, зографството, иконописот, ликовната уметност и копаничарството. Во таа редица великани, посебно место му припаѓа на градителот и ктитор Арсениј, архимандрит и игумен на манастирот Св. Јован Бигорски. Арсениј со својот генијален, возвишен, молитвен и креативен дух за 32 години раководење (1807 – 1839) придонел небоземниот центар од Река да ги доживее своите најѕвездени мигови и за навек да биде едно од најубавите светилишта на Балканот. Сите градби и уметнички дела создадени, обмислени и организирани од фасцинантниот духовник Арсениј претставуваат неизбришливи траги за македонскиот културен идентитет.

0

Арсениј преземал бројни нови архитектонско-градежни зафати и содржини во манастирот. Исто така тој ги реафирмирал: ликовната зографска префинетост, копаничарството – резбата, книжевната традиција, изградбата на нови духовни храмови, проширување на манастирските имоти и секако, пред сè, невидената теолошка духовна продлабоченост која ги надминувала дотогашните дострели на игумените. Завршен резултат од игуменувањето на Арсениј е восхитувањето и почитувањето на сите посетители, кои откриваат духовни вредности, а денес истите ги споредуваме барајќи ја во нив силната творечка вистина и инспирација за слични потфати ако воопшто се повторно можни. Ваква богата и величествена духовна и градителска култура можеше да ни остане во наследство само благодарејќи на Арсениј, духовникот кој знаеше и имаше чувство да ги ангажира и да ги организира најдобрите градители, иконописци, резбари, игуменот кој имаше визии за растежот на бигорскиот манастирски комплекс.

arsenij06

Денес кога со воодушевување ги доживуваме сите градби и архитектурата на манастирот Св. Јован Бигорски, создадени  под игуменство на архимандритот Арсениј, може да се  размислува за значењето на оваа архитектура и вистински да се вреднува. Објектите изградени за време на Арсениј претставуваат изразита особеност на македонската архитектура, која пред сè се одликува со нејзината пластичност. Тоа е архитектура со извонредно подвижен простор, кој тече и се  развива создавајќи една ретко видена пластична структура. Пластичноста се оформува со играта на различните нивоа на објектите, со изместените тремови, еркери, стреи, слободните скали и засенетите чардаци. Светлината на сонцето и сенките, со структурата на градбите, ни откриваат ретко видени значајни пластични ликовни сензации.

5

Во изградбата на објектите на манастирскиот комплекс учествувале локални тајфи на Мијаците. Во поменикот на  архиепископот Арсениј може да се прочита за учеството на  мајсторите од Ростуше, кои работеле цели 24 години. Овие неимари под раководство на Арсениј со логичниот приод кон изборот на градежните материјали и адекватните конструктивни решенија, создале објекти со мошне смели конструктивни стабилни елементи, со чисти архитектонски решенија и искрен естетски израз. Секако најисконски осмислен, духовно и творечки воден, граден е највпечатливиот и најмаркантниот објект, стариот конак – „Горни палат“ кој служи за живеење во манастирот. Објектот е поставен во северниот дел на манастирскиот комплекс. Конакот е изграден по нарачка на игуменот Арсениј во 1814 година.

1

Објектот е граден со природни материјали, камен, дрво, земја  – глина, песок и вар со носечки ѕидови и бондрук систем-конструкција. Масивните ѕидови се градени со кршен камен со дебелина од минимум 70 сантиметри. Поврзувањето и  порамнувањето на ѕидовите е правено со дрвени гредички наречени кушаци, кои ја имаат улогата на серклажите во современите градби. Меѓукатните конструкции се изработени од  дрвени гредореди со подови и тавани од штици. Кровот е со благ пад изработен од дрвена конструкција. На фасадата среќаваме низа дрвени прозорци, еркери, дрвени скали со огради, максимално исфрлени стреи и покрив од камени плочи.

arsenij01

Од боите на фасадата преовладува бојата на патинираното дрво, белите варосани површини и природната  боја на каменот. Во овој прекрасен објект кој се градел под игуменството на  Арсениј, со сите свои вредности што ги содржи во себе, ги наоѓаме сите чинители на македонската архитектонска мисла и архитектонското дејствување. Насладувајќи се на овој објект и архитектура, се пронаоѓаме себеси, својот живот и неисцрпното духовно доживување. Горни палат ќе остане како нужен патоказ за откривање и создавање нови погледи во македонската современа архитектура. Овој културен споменик кој со околниот пејзаж прави една нераскинлива просторна синтеза, останува вечна гордост на мијачката македонска архитектура, пред сè благодарение на смислата, желбата и природната инвентивна дарба на игуменот Арсениј за создавање и градење, со изнаоѓање на најдобрите рекански мајстори.

7

Амбициозната, претприемчива, визионерска и фанатизирана творечка иницијатива на Арсениј не застанува само на овој прекрасен објект. Напротив, гради исто така објект кој плени со својата архитектура и содржина, а тоа е конакот со трпезарии функционално поврзан со Горни палат. Посебно за одбележување е фасадата на овој објект кон реката Радика на која  доминираат високите камени ѕидови со ритмичките засводени  прозорци, со исфрлениот еркер на дебарската одаја и низата дрвени прозорци. Сите овие елементи прават една симфонија од  камен и дрво која не отскокнува од околниот планински пејзаж. По изградбата на овие два најзначајни објекта, Арсениј набавува нова камбанарија, се зафаќа да ја гради и коскарницата, стражарницата, чешма, трем, низа економски простории, црквите во Рајчица и Галичник, гумно и рибници.

2

Потекнувајќи од татковината на копаничарството и зографството – Галичник, Арсениј во себе го носи исконскиот порив и чувство за уметност и тоа всушност ќе биде причина да знае да ги ангажира најдобрите мијачки резбари коишто ги  платил за изработка на нов иконостас, балдахин, голем змиски крст, владички и игуменски столови, амвон, и столови на јужната, западната и северната страна во наосот на црквата за веропоклониците, потоа певници и друго. Не само на почетокот, кога Арсениј раководи со манастирот, туку и понатаму ќе биде најзаслужен за ангажирањето на големите мајстори на резбата и живописот. Во времето на Арсениј внатрешноста на  манастирската црква и другите простории ќе блеснат засекогaш во невиден сјај од делата на мијачките уметници.

3

По украсувањето на манастирската црква со балдахинот, кај Арсениј се јавува уште посилна жед за опремување на црквата и патува за Света Гора и Цариград каде набавил крстови, свеќници и нарачал голем кивот.

arsenij10

По изградбата на машката трпезарија, се обновува зографската дејност во  манастирот по идеја и барање на агилниот игумен Арсениј. За негово време целосно е насликан апсидалниот простор во машката трпезарија, а останатата програма не е целосно завршена. Покрај другите сцени, за одбележување е една зона од трпезаријата која се планирала и била резервирана за сликање на ликовите на игумените и видните духовни старци. Сите фази од животот, односно раководењето со манастирот, ктиторството и опремувањето на црквата од Арсениј, во основа претставуваат една целина, која е резултат на неговиот мијачки ген и духовен развој, кој единствено може да се следи преку стремежот кон постојана духовна совршена наобразба – кон достигнување највисока творечка убедливост и зрелост.

8

Затоа не случајно, кај Арсениј ќе пламне неговата божествена уметничка визија и желба да се направи најубавиот иконостас во резба со престолни и празнични икони со светите апостоли за црквата во Бигорскиот манастир. Желбата на архимандритот била да ги повика најдобрите мијачки копаничари, за да создадат резбарско  дело кое со својата монументалност и убавина ќе надмине многу иконостаси на Атос и на Балканскиот полуостров. Желбата му се  исполнува кога во 1829 година ги поканува да го резбаат бигорскиот иконостас, виртуозните мајстори на резбарскиот занает Петре Филипоски – Гарката, неговиот брат Марко од Гари, Макариј Негрев Фрчкоски од Галичник и Аврам  Филипоски од село Осој и нивите помошници. Тие маестрално ја реализираат замислата на духовникот со невидена моќ и дарба.

Големиот визионер Арсениј со своето дело ни подари една вечна убавина, исполнета со светлина и восхит.

 Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

 

Испрати коментар

Scroll To Top