Насловна / Архитектура / Генерирање на одржлив архитектонски концепт во време на промени

Генерирање на одржлив архитектонски концепт во време на промени

Наслов: „Генерирање на одржлив архитектонски концепт во време на промени“ (Архитектонска транскрипција на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и „Железничарската зграда“)
Тема: „ТРАНСФОРМАТИВНИ ТИПОЛОГИИ“ архитектонско истражување на програмски интегрирани објекти од општествен карактер
Локација: Град Скопје, Општина Центар – населба Буњаковец
Автор: Томе Димитриевски, соработник на катедра за проектирање општествени згради, Архитектонски факултет – Скопје
Ментор: проф. д-р Михајло Зиноски, Катедра за проектирање општествени згради, Архитектонски факултет – Скопје
Година: 2019

DCIM102GOPROG0171721.JPG

Новите просторни потреби изразени преку недефинирани програмски интервенции го трансформираат оригиналниот архитектонски концепт до степен на непрепознавање, што резултира со губење на културолошкиот идентитет. Целта на истражувањето е наоѓање на компромис помеѓу креацијата на нови самоодржливи форми и почитувањето на оригиналноста на постојните.

НОВ АНТИЧКИ ДИЈАЛОГ
Постојат повеќе начини на интервенција на постоечката архитектура. За да се симплифицира, овие интервенции може да се класифицираат во три ставови. Првиот во однос на реституцијата, состоејќи се од комплетирање или модифицирање на зграда до плагијат. Вториот став е во однос на контрастот, во кој архитектот намерно претерува со односот на старото и новото. Овој однос создава два истовремени јазици на изразување кои се пресретнуваат во истиот простор меѓутоа меѓусебно се игнорираат. Третиот однос е пристапување со дијалектичка релација помеѓу старото и новото. (Robert and Desmoulines 2005).

АРХИТЕКТУРАТА КАКО ОДГОВОР НА ОПШТЕСТВЕНИТЕ ПРОМЕНИ

2 - Постојна Ситуација
Првиот пример на ова истражување е објектот за колективно домување познат како „Зградата на железничарите“. Како дело од раната модерна го репрезентира социјалниот и економски статус на населението во градот/државата во периодот помеѓу двете светски војни и после Втората светска војна. Покрај станбените единици како доминантен програмски сегмент, се појавуваат и заеднички простори кои во себе ја носат идејата за јавен и полујавен простор. Авторот Михаил Дворников е архитект кој доаѓа од руската сцена и како инпут од рускиот конструктивизам ја носи идејата за колективно домување во форма на социјален кондензатор.

3 - Ж. Зграда, Фотографија од Макета
Вториот модел на архитектонска транскрипција, основното општинско училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ зборува за социјалните услови во градот после земјотресот. Проектот за ново основно училиште е започнат во 1964 година, како донација од Швајцарската влада, која одлучува да му подари современо школо на разурнатиот град. Задачата ја добива Алфред Рот, професор на Техничкиот факултет во Цирих, архитект кој својата кариера ја посветил на школските објекти и прашањето на современата едукација.

4 - Ј.Х.П. Фотографија од Макета
Изборот на токму овие два објекта е направен пред сѐ поради различниот начин на архитектонска транскрипција во зависност од типологијата, програмската содржина и стилските карактеристики на објектите. Железничарската зграда како програмски интегриран објект за домување од раната модерна, дефинира целосно затворен периметрален блок, додека пак основното општинско училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ како бруталистичка зграда од постземјотресно Скопје претставува систем од павилјонски групации на програмска содржина со образовен карактер.

ПРОГРАМСКА МЕТАМОРФОЗА
Зградата на железничарите вдомува во себе една социјална структура на новиот слој кој се создава во општеството, работничката класа. Додека формално-обликовните аспекти на зградата остануваат структурално идентични, од нејзината проектирана состојба до денес, објектот претставува предмет на модификација на неговата програмска содржина. Проектирана во 1934, најголемот дел од вкупната површина на зградата, односно 45 отсто оригинално се застапени со домување, дополнети со 35 отсто заеднички содржини како амбуланта, детска градинка, кино-сала и перални со отворени кровни тераси на најгорниот кат, останатите 20 отсто се збир од вертикални и хоризонтални комуникации. Во периодот после скопскиот земјотрес, како резултат на зголемената побарувачка на станбен простор и постепената неможност за одржување на заедничките простори, заедничките простории се застапени со значително помал процент (5 отсто). Терасите на кровот се преградуваат и се преобразени во нови станбени единици.

5 - Ж. Зграда, Програмска Метаморфоза
Планот на основното општинско училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ ја следи модернистичката хипотеза „Form follows function“ преку силно изразено просторно дефинирање на програмски групации. Објектот е сочинет од четири павилјони, функционално распределени според типот на активности за кои служат. На јужниот дел од парцелата се издвојува трактот со училници како програмска единица, на кој северо-западно се надоврзува свечената сала – аулата. Крилото со лаборатории ја зазема источната страна од дворот и го дооформува, додека пак фискултурната сала е издвоена како волумен во северниот дел од парцелата. Од неговото пуштање во употреба, па до ден-денес објектот претставува предмет на модификација и прилагодување на некои од просториите со оригинално проектирана намена, додека пак формално-структуралните аспекти остануваат идентични и препознатливи (Ивановска 2009). Иако иновативно и пред своето време, училиштето сепак има потреба од промени, неговата оригиналност и убавина избледува, со што постепено влијае врз образовниот процес и активното користење на зградата.

6 - Ј.Х.П. Функционална Пренамена

Стремежот кон идејата за враќање на „духот на местото“ е проследен со анализа и собирање на информации за моменталните состојби на користење на двата објекта преку интервјуирање на корисниците на просторот, како и изработка на потенцијални просторно-програмски сценарија.

DCIM100GOPROG0074762.JPG

DCIM100GOPROG0025422.JPG

АРХИТЕКТОНСКА ТРАНСКРИПЦИЈА
Оригиналниот архитектонски концепт на основното општинско училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, препознат како функционален рационализам, поставува дијалектички однос помеѓу формирање на новододадената програма и постоечката просторна содржина.

11 - Ј.Х.П. Концепт

Новата содржина, збогатена со топла врска – мост помеѓу одделните павилјони, се заснова на историски континуитет во примена на материјали и искрена конструкција. Вертикалните комуникации ја следат конфигурацијата на постоечкиот план, додека новопроектираната содржина заротирана за 15 степени прави дистинкција во оснос на стариот објект.

12 - Ј.Х.П. Основи

Со акцент на потребите и барањата на корисниците, новиот предлог го унапредува наставниот процес во форма на гимназиум, со што се нагласува физичката активност како клучен фактор при растот на децата. Новите спортски капацитети се исто така наменети и за надворешни посетители, вон работно време нa училиштето.

13 - Ј.Х.П. Пресеци
Зградата на железничарите како просторна типологија формира идеален периметрален блок, апсолутна форма. Новата просторна структура ја реинтерпретира таа апсолутна форма со дискретно ниво на размер над стариот објект, под агол кој ја следи кривата линија на објектот на западната влезна страна и се поврзува со продолжување на две постоечки скалишни јадра и две нови лифтовски јадра.

15 - Ж. Зграда, Концепт

Аспектот на одржливост се базира на различните варијации во однос на конфигурацијата на новите адаптивни и флексибилни простори, како атракција за дополнителни посетители, во целина каде колективитетот е на прво место. Врската помеѓу постоечкиот објект и новата просторна структура, го унапредува постоечкиот хибриден објект во нова генерација на социјален концензатор.

16 - Ж. Зграда, Основи

17 - Ж. Зграда, Пресек 18 - Ж. Зграда, Детаљ

„Град врз град“ ( фотографии од макета)

DCIM102GOPROGOPR1841.JPG

DCIM102GOPROG0081368.JPG

ЗАКЛУЧОК
Решавањето на проблемите на одржливата заштита претставува теоретска и практична примена на знаењата од современите критички ставови за архитектурата во постоечки архитектонски примери. Овој магистерски труд претставува методолошки пристап, кој поаѓа од претпоставката дека секој поединечен проблем на социјалната одржливост има свои специфични одлики и има потреба од индивидуализиран пристап. Ако архитектурата како комуникациски медиум пренесува значење, неизбежно е нејзините крајни форми да ги третираме како форми од социјално и идеолошко значење за заедницата. Програмата и формата имаат социјално значење само доколку произлегуваат од потребите на една заедница.

Автор: Томе ДИМИТРИЕВСКИ, магистер инженер архитект

Библиографија:
– Ивановска, А 2009, Утврдување на методи и постапки за заштита на објекти од периодот на модерната во Р Македонија преку примерот на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, магистерски труд,Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.
– Rrobert, P, Desmoulines, C 2005, Transcriptions d’architectures, Ministere des aferes etrangeres, Paris.
– Zinoski, M, Daskalova, M, Gjorgiev, A, Dimitrievski, T 2018,Book of Proceedings: CIRRE Conference, 3rd Conference of Interdisciplinary Research on Real Estate, Lectorate Real Estate Management, Groeningen.

 

Испрати коментар

Scroll To Top