Енергетскиот гигант „Газпром“ во текот на оваа година би можел да ги зголеми инвестициите во проектот за изградба на гасоводот „Турски поток“ за дополнителни 50 милијарди рубљи (720 милиони евра), соопшти руската компанија.
Ваквата одлука е донесена на денешното заседание на Советот на директори на „Газпром“, на кое се расправало за инвестициската програма на компанијата за 2017 година.
Претходно беше предвидено во текот на оваа година, „Газпром“ во проектот „Турски поток“ да инвестира 41,92 милијарди рубљи (600 милиони евра).
Проектот „Турски поток“ предвидува изградба на гасовод од рускиот црноморски брег, преку дното на Црното Море до северозападниот дел на Турција. Гасоводот треба да има морска траса во должина од 910 километри и копнена траса од 180 километри на турска територија.
Предвидено е гасоводот да има две линии, од кои едната ќе биде наменета за дистрибуција на гас за поторшувачите во Турција, а втората за потенцијалните корисници во Јужна и Југоистична Европа.
„Турски поток“ треба да биде со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри годишно, а неговата изградба се проценува дека ќе чини 11,4 милијарди евра.