Членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, изјавил дека поставувањето на цевководот за гасификација до рафинеријата во Босански Брод, преку спојување со хрватскиот гасен систем, без дозвола на БиХ е акт кој е спротивен на меѓународното право и правото на БиХ. Тој рекол дека меморандумот кој е потпишан во 2017 година е ништовен, бидејќи не е одобрен од Советот на министри, Парламентот и Претседателството на БиХ. „Доколку цевките се поставени преку границата, тоа претставува повреда на територијалниот интегритет на БиХ“ рекол Џаферовиќ во Бања Лука. Тој додал дека сите кои учествувале во тоа треба да сносат одговорност, бидејќи таков проект мора да има одобрение од институциите на БиХ.
Ентитетот Република Српска и Хрватска потпишале во 2017 година Протокол за снабдување со природен гас на рафинеријата за нафта во Босански Брод. На ова остро реагирала компанијата BH gas, тврдејќи дека такви меѓудржавни конекции не можат да се градат без меѓудржавни договори. Медиумите во БиХ, повикувајќи се на Хрватската радио телевизија (HRT), пренесуваат дека проектот за гасификација на рафинеријата во Брод е во завршна фаза. Завршен е најложениот дел од работите – цевоводот е инсталиран под коритото на реката Сава, со што рафинеријата директно е поврзана на хрватскиот гасен систем.