Насловна / Вести / Гасификација на Република Македонија – можни правци и начини на натамошен развој

Гасификација на Република Македонија – можни правци и начини на натамошен развој

Во минатиот број на „Порта 3“ напишавме дека ни треба стратегија за побрз развој и користење на природниот гас, а сега се осврнуваме на можните правци и начини на натамошниот развој. Предлагаме три сценарија. Првото е изградба на гасоводен систем на магистрални гасоводи на територијата на цела држава. Второто е Регионална гасификација и користење на КПГ, и третото е локална гасификација со користење на ТПГ.

320615-makedonija-kje-bide-del-od-rutata-na-novite-gasovodi

СЦЕНАРИО 1

Изградбата на магистрални гасоводи е скапа и бавна работа. Таа главно зависи од стратешките развојни планови на државата и средствата што за тоа може да се одделат. Проектот за реализација на ова сценарио е нарачан и е изработен. На неговата изработка, главно, работеа фирми кои не се од Македонија. Со овој проект се дефинирани трасите за околу 400 километри нови магистрални гасоводи. Проценета вредност за изработка на овие цевководи е околу 260 милиони евра. Кога ќе ги потрошиме овие пари, ќе дојдеме до сознание дека треба да потрошиме уште 130 милиони на дистрибутивни мрежи, па уште 70-80 милиони за адаптации на потрошувачите и дека дури тогаш ќе можеме да почнеме да го користиме гасот.

Значи, не е доволно да се има магистрален гасовод за да се користи природниот гас, потребни се и дистрибутивни градски мрежи, потребни се и адаптации кај потрошувачите. Тоа значи дека изградбата на магистралните гасоводи во Република Македонија нема по автоматизам да ја реши нашата енергетска состојба. Тоа го докажува и досегашната состојба, кога при постоење на магистрален цевковод за 15 години се користеа едвај 15% од неговиот проектиран капацитет, и тоа во време кога природниот гас е најевтино и еколошки најчисто гориво кое е присутно на нашата територија.G-Site-1 G-Site-2

Времето потребно да се изградат магистралните гасоводи и другите работи потребни за користење на гасот кај крајните потрошувачи, е исто така многу значаен факор. Во ситуација на необезбедени потрошувачи, кои би биле спремни веднаш по завршување на магистралните гасоводи да се приклучат на нив преку дистрибутивна мрежа, трошокот направен за магистрални гасоводи не е можно да се врати, односно да се реализира профит од него. Исто така, доведувањето на гасот до изградените термоцентрали не е профитабилен процес, затоа што нивната адаптација и работењето со природен гас не е економично и енергетски оправдано (примерот со ТЕ-ТО Скопје доволно јасно го покажува ова).

И на крајот едно од најважните прашања кога зборуваме за изградбата на магистралните гасоводи, е можноста за алтернативно напојување на гасоводниот систем на републикава. Сегашната приклученост кон еден систем (Гаспром), со сите можни реперкусии од влијанието на украинските делници од овој гасоводен систем и реалната можност за прекин на снабдувањето во одредени периоди, е вознемирувачки фактор за евентуалните корисници. Заради тоа, а и заради поголемата независност и флексибилност на системот, како и пазарната конкурентност на цената на гасот, во ова сценарио потребен е уште и бар еден „цврст“ договор за испорака на гас од некој друг гасоводен систем, на кој би се приклучиле и би обезбедиле алтернативен извор на природен гас. Непостоењето, во овој момент на ваков алтернативен приклучок, го прави целокупното димензионирање на магистралниот гасоводен систем во РМ доста апсурдно.

СЦЕНАРИО 2 

Постоењето на проект за изградба на магистрални гасоводи е од извонредно значење за развој на гасоводниот систем, но тој треба да се сфати само како прв предуслов, во услови на планиран и остварлив брз стопански раст во одредени региони и обезбедени средства и интерес за него. Значи, тоа би било само дел од една поширока стратегија за планиран економски раст на одредени региони во РМ, а никако не би претставувал оджрлива стратегија на развој на гасоводното стопанство само по себе.

Strumica_gas_2

Анализата на структурата на можните потрошувачи на природен гас во индустријата по одредени региони во државава, покажува дека постои многу голема нерамномерност во потрошувачката (особено зима-лето), а отежнувачка е и големата просторна расфрланост на истите. Во голем број, населените места низ државата и објектите од широката потрошувачка – домаќинствата се со слични карактеристики, поточно голема нерамномерност помеѓу зимскиот и летниот период и најголем дел градби до два ката.

Кога за вакви региони, а тие се најголем дел во Македонија, ќе се направи економска анализа на оправдоност од изградба на гасоводни системи и поврзување на гасоводниот систем на РМ, секогаш се добиваат резултати кои покажуваат лоша стапка на поврат на ваквите инвеститции. Значи ли тоа дека овие региони треба да се остават без можност за користење на природен гас и без реални можности за забрзан развој и подигање на стандардот на живеење. Одговорот е секако НЕ! Кое е решението на овие спротивности?

Примерот на Струмица го дава одговорот на ова прашење. Струмица е една од најразвиените општини во државава. Таа во однос на магистралната мрежа за природен гас во Македонија е на 200 километри оддалеченост. Имајќи предвид дека поврзување на националниот гасовод на Република Македонија не е опција во наредните години, единствено решение за гасификација на Струмица беше воспоставувањето на т.н. виртуелен гасовод (гасовод на тркала). Тоа подразбираше пронаоѓање на најблиска локација со пристап кон магистрален гасовод со природен гас, поставување на компресорска станица – мајка, за компримирање на ПГ во метални боци под притисок од 250 бари, негов камионски транспорт до градот, поточно до станицата за декомпресија – ќерка, каде се внесува во градската дистрибутивна мрежа со притисок од 4 бари, и се води до секој од потрошувачите што се поврзани во овој систем. Кон крајот на 2011 година беа изведени околу 13 километри дистрибутивни градски цевководи од НО 355 до НО 63. Опремата од декомпресиската станица – ќерка беше набавена и пуштена во работа. Набавени беа и потребните количини на боци за складирење и транспорт на КПГ. Целиот зафат чинеше околу два милиони евра.Situacija_var 6

Се направи и  адаптацијата на јавните установи и нивно приклучување кон градскиот гасоводен систем. Во првата година на користење на гасот се регистрирани огромни заштеди на енергија и скоро целосен поврат на инвестицијата во овие адаптации.

Во наредниот период успешно се реализираше развој и изградба на градската гасоводна мрежа, со што отпочна и реализација на приклучување на домаќинствата, односно широката потрошувачка. Во тек е изработката на соодветна техничка документација и приклучување на индустриските потрошувачи во градот. Во текот на изминатите три години системот функционира одлично и континуирано, без никаков посериозен дефект.

Што ни покажува овој пример:

–          Локална или регионална гасификација е можна и без претходна градба на магистрални гасоводи.

–          Предходно изведената регионална гасификација овозможува постепен, логичен и економичен развој на мрежата и потрошувачите, како и нивно преструктурирање и приспособување на принципите на енергетска ефикасност.

–          Изградбата на регионалните гасификации се приспособува кон реалните можност на регионот и го скратува времето за воведување на гасот како исклучителен енергент (од енергетски, еколошки и економски аспект) и негово побрзо вклучување во развојот на регионот.

–          Виртуелните гасоводи (гасоводи на тркала) исто така овозможуваат голем дел од средствата што би се вложиле во магистралните гасоводи да се пренаменат за доизградба на авто патната и доста застарената постојна железничка инфраструктура, од што корист ќе има целото општество, а не само енергетскиот сектор.

–          На крајот, но не помалку важно, со регионалната гасификација преку виртуелни гасоводи се овозможува дефинирање на вистинските потреби на регионот и правилно димензионирање на магистралниот цевковод до секој ваков потрошувач, како и амортизацијата на овие цевководи да падне на терет на поголем број веќе преструктурирани и адаптирани потрошувачи.

Вкупните трошоци со кои се овозможува целосно завршување и пуштање во работа на наведениот систем во Струмица изнесуваат околу четири милиони евра.

DSC_2454

СЦЕНАРИО 3

Ова сценарио е директно поврзано со можноста за набавка на ТПГ – течен природен гас. Разработката на ова сценарио беше актуелна до пред донесување на одлуката на Владата на Република Македонија за градење на магистрални гасоводи, но после донесувањето на таа одлука анализата на ова сценарио станува непотребна.

Само како информација, вредно е да се одбележи дека во Македонија, поточно на локацијата од фабриката КНАУФ Радика во Дебар е изграден Склад за ТНГ со капацитет од 3 х 130 m3. Тој е ставен во употреба и моментално заради големиот пад на цента на ТНГ, кое е алтернативно гориво во фабриката, не работи. Цената на овој склад за ТПГ изнесува околу 900.000 евра.

Untitled-1

Сообраќајот е еден од најголемите загадувачи на животната средина во нашата држава. Ова е особено видливо во населените урбани средини во текот на зимскиот период. Воведувањето на КПГ или ТПГ како енергент во сообраќајот ќе придонесе за огромна супституција на течните горива, најпрво заради економскиот, а истовремено и заради еколошките ефекти што ја пратат оваа замена. Огромен дел од тешкиот сообраќај (градежни машини, автобуси, ЈП, шлепери и транспортери) и такси претпријатијата ќе бидат главни корисници на КПГ/ТПГ. Истото се однесува и на влечните машини кај железничкиот превоз. За да се овозможи ова, потребно е покрај сегашните две-три изградени станици со КПГ да се изведат барем 20-30 комбинирани компресорско-пумпни станици за гасни и течни горива, што би ја внело Македонија во т.н. син коридор на ЕУ, што е пропратено со можности за добивање грантови и евтини кредити.Untitled-2

Во услови на повеќегодишна стагнација на гасоводниот систем во Република Македонија, една од алтернативите за забрзан развој е и користењето на виртуелни гасоводи, односно КПГ или ТПГ. Распределбата на финансиските средства би се одвивала рационално и многу попрофитабилно, односно со многу побрз поврат на вложените средства. Гасот за многу пократко време ќе стаса до крајните корисници во целата држава, што ќе придонесе за побрз и поравномерен развој на целата територија и во секоја гранка на индустрискиот и општествениот сектор, како и кај домаќинствата и сообраќајот.

Дали прво ќе градиме магистрални гасоводи низ останатиот дел на државата и ќе користиме скапи комерцијални кредити, кои однапред е видливо дека нема да можат да се вратат од некаков профит што овие гасоводи треба да го создадат (а тоа не е возможно без доволно приклучени потрошувачи), или со изградба на сателитски станици (мајки и ќерки) и локални дистрибутивни мрежи кои за краток период стануваат профитабилни и самоодрживи, се прашања кои треба сериозно да се анализираат и кои заслужуваат одговор. Но, јасно е дека тоа во стратегијата за развој на енергетиката на РМ до 2020 година, со визија до 2030 година, не е доволно разгледано и дека во оваа област се пропуштени многу влијателни фактори.

Пишува: Мирко Стојановски, дипл.маш.инж.

 

Испрати коментар

Scroll To Top