„Испитувањата се завршени и експертизата ќе биде готова и доставена до Град Скопје наредниот понеделник. Од она што е утврдено, на мостот ќе му биде потребна лесна санација. Нема да кажам како градоначалничката Данела Арсовска дека му е потребно козметичко рефреширање туку лесна санација“, вели професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Гаревски е ангажиран од Град Скопје да направи експертиза за мостот кој беше опожарен на 12 мај.
Тимот на Гаревски на централниот распон на мостот немал пристап, па испитувањето на каблите за преднапрегање во тој дел се направени врз основа на снимка од дрон која тој ја смета за релевантна. Снимката се правела само странично, бидејќи како што вели Гаревски, ‘под цевките за парно има жици и дронот не може таму да се движи‘.
„На мостот не му е потребно зајакнување бидејќи од визуелната слика што ја добивме од снимката за дрон се гледа дека каблите за преднапрегање не се оштетени, односно не се здобиле со висока температира. Оштетен е само бетонот и треба на долната плоча да се постави заштитен бетон“, вели Гаревски.
Тој објаснува дека торкретирањето со бетон на долниот дел од плочата над цевката не може да се врши без таа да се отстрани. Па од отстранувањето на цевката од страна на тимовите на ЕСМ ќе зависи кога ќе почне санацијата.
„За санацијата, ако Град Скопје одма без тендер избере фирма поради итност, ќе бидат потреби 20-тина дена. Потоа ќе вршиме пробно товарање на мостот со 60-тонски возила, што е вообичаена пракса и потоа тој ќе биде пуштен во употреба. Секако, тоа нема да може да биде другата недела, тогаш ќе ја објавиме експертизата и Градот ќе треба да почне со постапката за санација, а треба и ЕСМ да ја отстрани цевката“, додава Гаревски.
Градоначалничката Данела Арсовска, гостувајќи во вестите на телевизија Сител, кажа дека на мостот му е потребно козметичко рефреширање и тој другата недела ќе биде пуштен во употреба за пешаци и возила. Рече дека намерно во јавноста се ширело паника дека мостот има сериозни оштетувања и ќе биде затворен најмалку една година.
Извор: Сакам да кажам