Галијата пред МЕПСО прва ќе се вади од коритото на Вардар. Град Скопје на сопственикот на галијата му издаде решение сам да го отстрани бродот во рок од 30 дена.
“Оваа галија добила решение од Град Скопје во 2016 година за привремено да не врши дејност. Во 2018 година им доставивме решение дека треба да почнат со работа. Но тоа не е направено, со што се создадоа и услови за раскинување на договорот. Ако сопственикот не ја отстарни сам, по 10 април Градот Скопје ќе го направи тоа на негов трошок” рече градоначалникот Петре Шилегов.
Тој истакна дека сега се создадени правни услови за отстранување или дислокација на оваа галија која е затворена веќе подолго време.
Ова е втора активност на остранување на објект од проектот „Скопје 2014“, по онаа пред две години на споменикот на Андон Јанев Ќосето пред Врховниот суд.