Насловна / Архитектура / Футуристичко идејно решение победи на конкурсот за сала во Ниш

Футуристичко идејно решение победи на конкурсот за сала во Ниш

На конкурсот за идејно решение на идната сала во Ниш, што го објави Градот Ниш во април, победи нишкиот архитектонски тим Александра Николиќ и Драгана Лазиќ. Втората награда ја доби Капапроект од Ниш, а третата белградската канцеларија ГП Студио – Архитектура и дизајн.

„Причината поради која жирито го избра првонаграденото дело е доминантната модерна форма, која со својата изградба би станала нов репер и симбол на градот Ниш“ – изјави Лидија Стефановиќ-Николиќ, главен урбанистички планер на Ниш.

Објект со флуидна форма

Победничкиот проект на нишките архитекти претставува футуристичко идејно решение на идната мултифункционална сала, која ќе содржи неколку поголеми и помали сали, простори за одржување на конгреси и амфитеатри на отворено, како и соодветен простор за Академијата на ликовни, музички и драмски уметности.

Идната мултифункционална сала на културата ќе се гради на парцела од 2,21 хектари, додека вкупната квадратура на објектот е 20.500 квадратни метри и се состои од три целини.

Едната целина се состои од повеќенаменска сала со илјада седишта и соодветни содржини, конгресни сали со 600 и 200 места, втората единица се состои од повеќенаменска сала со 2.000 седишта, а третата единица се состои од Факултетот на уметностите.

Првите две целини се поврзани со заедничко лоби, кое ги интегрира влезното фоаје на приземје и фоајето со ресторанот на првиот кат, со поглед на зеленилото и водните површини на платото пред зградата.

Планирано е влезот за посетителите да биде од платото од правец на булеварот од каде ќе може да се пристапи до повеќенаменските сали со 2.000 седишта. На првиот кат, покрај галеријата за салата со 1.000 места, предвидена е и конгресна сала со 600 седишта.

На катот се наоѓа и отворен амфитеатар до кој се стигнува однадвор преку две кружни рампи.

Факултет за уметности

Влезот во анексот на Факултетот за уметности е овозможен од атриумот помеѓу салата за 2.000 седишта и анексот на факултетот. Во приземјето на зградата е предвидено зеленило, каде објектот е акустички и визуелно изолиран од надворешни влијанија.

На платото пред влезот во анексот на факултетот формиран е простор за градината на студентскиот клуб, додека со зеленило е збогатен и атриумот.

Во приземјето на факултетот, до салата, се наоѓаат просториите на деканатот, секретаријатот, општите служби, студентскиот парламент, библиотека со фонотека и студентски клуб.

Просториите на првиот и вториот кат се наменети за студенти по музика, на третиот за студенти по драма и на четвртиот за студенти по ликовни уметности.

Гаража со 293 паркинг места

Во подрумот е предвиден паркинг со капацитет од 293 паркинг места, од кои 40 се за потребите на Факултетот за уметности и 18 паркинг места за лица со посебни потреби. Гаражата е поврзана со катовите погоре со вертикални комуникациски блокови.

Следниот чекор

„Во моментов немаме податоци за проценетата вредност на објектот, податоците ќе бидат достапни по изготвувањето на проектот за градежна дозвола во кој ќе биде опфатен и проектот за акустика. Следен чекор е подготовка на Урбанистичкиот проект, добивање на локациски услови како и одобренија за градба, по што ќе може да се дефинираат понатамошни услови за изградба и реализација“ – изјави Лидија Стефановиќ-Николиќ.

Испрати коментар

Scroll To Top