Насловна / Архитектура / Функционално и елегантно решение без компромис

Функционално и елегантно решение без компромис

Lamballe (Британи, Франција) е шармантна, рурална заедница со долга традиција на градење на дрвени објекти; повеќе од 30 полудрвени куќи се наоѓаат во историската област односно во стариот град, вклучувајќи и примерок од 15 век кој сега функционира како популарен музеј на уметност. Една од најновите згради во градот е зградата на средно училиште што освои награда во годишните награди за дизајн и градење од дрво (Wood Design and Building Awards), и исто така беше номинирана за меѓународна награда 2019 година на Меѓународен натпревар за архитектура од дрво (Wood Architecture Awards). Реализацијата на објектот е соработка помеѓу австриското архитектонско биро Dietrich | Untertrifaller (трипати победници на Wood Design and Building награди во 2017 година) и локалната француска фирма Colas Durand.

LAMBALLE
Во овој средношколски образовен објект се сместени повеќе од 800 ученици во два дела (волумена), со вкупна површина од 9.000 квадратни метри. Долг дрвен паралелопипед, се издигнува над закривената основа од стакло и бетон, која е свртена кон југоисток. Предната закривена фасада е целосно застаклена и се потпира на дрвени ламелирани столбови од смрча.

Collège de Lamballe, Colas-Durand Architectes, 2018

Скалниците и основата се направени од бетон заради подобрување на сеизмиката на објектот додека конструктивното решение на горниот кат е со вкрстено лепени плочи од смрча (CLT), со челични укрутувачки крстови. Посебни сеизмички мерки беа предвидени за изградба на овој објект заради честите земјотреси. Подовите се излеани со бетон заради акустика и дополнителна отпорност на пожари.

LAMBALLE
Високиот степен на префабрикување со компјутерска (CNC) обработка на цртежи директно од проектантите, гарантираше објектот да биде изграден за 18 месеци. Дрвената граѓа за дополнителната конструкција е од локални извори со што се помага и локалната економија. Производите од CLT, кои не се конструктивно носечки ја прават едноставна реконфигурацијата на просторот без поголема логистика од поедини изведувачи, а исто така значително ја подобруваат еколошката слика на објектот. Голема придобивка од користење на материјали како CLT е секако и високиот степен на рециклирање на производот. Друга придобивка од користењето на CLT за внатрешните елементи е тоа што ја елиминираат потребата за завршни работи како што се молерофарбарски или гипсерски работи и слично.

LAMBALLE
Во комбинацијата со бетон дрвото се гледа низ целата внатрешност, вклучувајќи ги и таванските летви, хоризонтално ѕидно обложување, прозорци, полици, изложени греди и мебел во училниците. Во средината се наоѓа висок атриум со светларници на врвот и ги поврзува сите нивоа, а пак во приземјето се предвидени влезна сала, училници, кафетерија и просторија за повеќе намени.

LAMBALLE

На југоисточните и северозападните фасади, вертикалните и хоризонталните дрвени „ролетни“ ја регулираат светлината во училниците. Изборот на дрво беше еден од главните критериуми за постигнување на висококвалитетна еколошка оценка (High Quality Environmental HQO), стандард за зелена архитектура во Франција. За време на доделувањето на наградите за дизајн на дрво, жири-комисијата ја пофали „јасноста на дизајнот на објектот – решението е функционално и елегантно, без компромис“.

Collège de Lamballe, Colas-Durand Architectes, 2018

LAMBALLE

Испрати коментар

Scroll To Top