Овој трособен стан во Охрид со површина од 93 квадратни метри комплетно ќе се реновира и ќе добие нов ентериер во кој ќе можат да уживаат неговите сопственици.
Инвеститорот сакаше да го уреди станот според своите потреби, секако со помош на архитекти.
Неговите барања беа да се добие модерен и топол амбиент, а изборот за опремување на станот да биде согласно нашите стручни препораки и замисли. Со оглед на тоа што станува збор за наш клиент во континуитет од повеќе години, чиишто објекти се наши проекти, ни беше задоволство и предизвик повторно да го импресионираме со нашата работа, особено што години наназад покажа доверба кон нашето биро.
Станот претрпе помали градежни измени за да се адаптира на сопственикот и да добие што пофункционален простор за целото семејство.
Адаптација на станот е направена со нови преградни ѕидови со што е овозможен покомфорен простор и можност во иднина, детската соба да се подели на две одделни простории и да се користи за две деца независно, секое во своја соба.
Приватниот дел на станот, спалните соби и бањата е сепариран од заедничките простории, дневната соба, трпезаријата и кујната. Од влезниот претпростор се влегува во засебен блок со спална соба, бања и простор за одлагање. Исто така директен пристап од претпросторот има до тоалетот и детската соба, а понатаму се продолжува во одвоено влегување во кујната и дневниот престој.
Дневниот престој и трпезаријата сочинуваат единствен простор, додека кујната е одвоена од дневната соба со преграден ѕид налик на натур бетон, а е во директна комуникација со трпезаријата.
Материјалите кои се употребени се иверка со дезен на даб во комбинација со боен медијапан во бела, графитна и жолта боја. Подот е предвиден да биде дабов паркет-шара шеврон, додека во кујната и трпезаријата аплицирани се порцелански плочки со мермерен дезен. Делови од ѕидовите обработени се со печатен бетон, принтови и облоги од иверица, кои на места продолжуваат хоризонтално по плафонот формирајќи засебни потези. Сè на сè, преовладуваат пријатни материјали и смирени тонови, одвреме-навреме разбиени со зелена боја, како со трпезариските столови и перници на гарнитурата, така и со природното зеленило насекаде низ станот, распространето во декоративни саксии и на ѕидот.
Во дневниот простор вметнат е зелен вертикален ѕид-поларен лишај кој го разигрува и освежува просторот. Во дневната соба има голема стаклена површина со што е овозможена многу природна светлина и директен пристап на закосена тераса во истиот манир на закосениот еркер каде е предвиден просторот за трпезарија. Големите прозорци овозможуваат транспарентност на врската внатре – надвор.
Лустерите предвидени во ентериерот се модернистички, едноставни и елегантно обликувани, во црна боја, како контраст на белите плафони со што уште повеќе се истакнува нивната препознатлива форма.
Кујната е со минималистички израз, едноставна, прочистена од вишок, бела, делува чисто, а белината е разбиена со шари на мермерната облога на ѕидот и подот и иверката со дезен на даб.
Детската соба е со најживи бои, но сепак умерено шарена, но доволно разиграна. Креветите се поставени на спротивни страни покрај ѕидовите, работната маса покрај природна светлина, а под прозорците предвидена е клупа и две меки, удобни фотелји во интензивна зелена боја, каде децата можат да ги сместат своите гости. Забележлив е белиот ѕид на кој се исцртани црни линии кои формираат квадрати и аплицирани се неправилни форми во истите бои кои се предвидени и на ѕидовите. Во просторијата доминира и црниот ѕид покрај работниот дел на кој се аплицирани детски цртежи, а ѕидот се огледува на спротивната страна каде се наоѓа ормарот со огледални лизгачки врати.
Спалната соба е најсмирениот простор во станот кој оддишува со спокој. Материјалите во боја на даб ѝ даваат топлина, а природната боја на дрвото и ѕидот над креветот во загасито зелен тон ја прават суптилна и место за одмор и релаксација.
Смиреноста и пријатното чувство не се одлика само на родителската спална соба, туку и на целиот ентериер на овој стан, кој ќе претрпи трансформација во функционален простор и амбиент во кој ќе уживаат станарите. Секој станар ќе добие свој простор зависно потребите и возраста, а заедничките простори ќе го задоволат начинот на живот на целото семејство.
Автор: БИРОПРОЕКТ