На 11-ти март се одбележаа точно 8 години од цунамито и земјотресот кои доведоа до катастрофа во јапонската нуклеарна централа Фукушима, а низа проблеми сеуште не се решени, ниту пак поголемиот дел од населението е вратен во своите домови, откако поради виоката радиоактивност присилно се иселени од префектурата. Со цел да ги поттикне жителите да се вратат, Јапонија буквално „иструга“ големи количини од површинската почва, трева и друг контаминиран материјал во близиата на куќите, училиштата и јавните згради, во обид да ја намали радиоактивноста. Но, до денешен ден, не е пронајдена локација за одлагање на милиони вреќи со овој отпаден материјал. Јапонската влада ветуваше дека материјалот ќе биде сместен во привремено складиште, а до 2045 година во трајно складиште оддалечено од префектурата Фукушима. Проблемот е во тоа што нема согласност за ниту една предложена локација за вакво складиште. До 2021 година количината на овој материјал ќе достигне 14 милиони кубни метри. Постои идеја истиот да се користи во изградба на инфраструктурни објекти, доколку нивото на радиоактивност е пониско од 8.000 бекерели. Досега во областите кои биле предмет на евакуација се вратило само 23% од населението. Истрагата која ја спроведе Greenpeace откри високи нивоа на радијацја во зоните кои биле прогласени за сигурни, па ја обвинуваат владата дека погрешно ги информира граѓаните и меѓународната јавност во врска со ризиците за повратниците. Исто така, и натаму останува проблемот со над милион тони контаминирана вода која се наоѓа во електраната.