Познатата група „Масив Атак“ настапи неодамна во Киев на фестивалот UPark, а веќе следниот ден по нивниот концерт, се забележани улични графити реализирани во стилот на анонимниот уметник Бaнкси.
Всушност се работи за три графити, од кои на едниот е човек кој го фрла логото на Фејсбук, на вториот е претставен орел кој наместо со глава е претставен со делот со кој се полни гориво, додека на третиот графит се наоѓа стаорец што стои под чадор.
Насликани се на улицата „Зилианска“, како и на една од електричните станици.
Инаку, од 2016 година постои силна теорија дека Бaнкси е всушност фронтменот на „Масив Атак“, односно Роберт дел Наџа.
Оваа претпоставка е поткрепувана и со фактот дека појавата на нови графити ширум светот се совпаѓа со турнеите и концертите што ги изведуваат овие реномирани музичари. Дел Наџа некогаш и самиот се занимавал со графити, а и признал дека лично го познава анонимниот уметник. Иако ваквите тврдења не се целосно потврдени, оваа теорија се повеќе добива на тежина.
Во секој случај, Банкси повторно направи политички релевантни графити, кои сега ќе ги украсуваат и улиците на Киев и кои посетителите на овој град сега ќе можат да ги видат. Инаку, да потсетиме, во тек е изложба во лондонската галерија LazInc, која е посветена на најдобрите дела на Банкси и која може да се посети до 25 август оваа година.