Екипите на зимската служба на Град Скопје се на терен и го расчистуваат снегот од градските булевари и улици, каде од почетокот на врнежите утрови се фрлени 50 тони сол, соопштуваат од Град Скопје.
Екипите на зимската служба интервенираат низ сите градските сообраќајници и на критичните точки, каде го расчистуваат снегот со механизација. Паралeлно со коловозот, екипи од јавните претпријатија на Градот Скопје работат на расчистување на снегот и мразот од тротоарите и јавните површини.
Во расчистувањето на тротоарите и јавните површини ангажирани се 100 работници и механизација од ЈП „Комунална хигиена“, работници и механизација од ЈП „Паркови и зеленило“, како и работници од ЈП „Водовод и канализација“ кои работат на чистење на сливниците.
Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти, порачуваат од Град Скопје.
JП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет.