Во напорите да се осмисли што подобар тип на фрижидер за секој дом уште од триесеттите години на минатиот век па сè до денес, извесно е дека и рускиот дизајнер Јуриј Дмитријев остава трага. Неговиот био робот фрижидер користи специјална супстанца во вид на гел која лесно ја лади храната што се сместува во него. Фрижидерот „Zero Energy “ може да се постави на ѕид во хоризонтална или вертикална положба. Нема компресор ниту каква било технологија позната за конвенционалните фрижидери.
Гелот ја завршува целата работа, па 90% од уредот е искористлив простор. Овој дизајн е еден од 25-те концепти кои влегле во финалето на натпреварот за дизајн на модерни апарати за домаќинство организиран од Electrolux. Сепак, јавноста е прилично скептична кон оваа идеја, но од друга страна мора да се признае дека голема предност е фактот што уредот воопшто не троши електрична енергија.