„Облакот од радиоактивно загадување над Европа во последните неколку седмици укажува дека во последната седмица од септември се случила нуклеарна несреќа во некоја од нуклеарните постројки во Русија или Казахстан“ објави францускиот институт за нуклеарна сигурност (IRSN -Institut de radioprotection et de sûreté nucléaire).
Од IRSN ја отфрлаат можноста дека несреќата се случила во нуклеарен реактор и тврдат дека најверојатно се работи за проблем на местото за третман на нуклеарно гориво или пак во центар за нуклеарна медицина. Институтот истакнува дека овој инцидент немал влијание врз здравјето и животната средина во Европа. Официјална Москва и официјална Астана досега не се изјасниле во врска со овие наводи на реномираниот Институт.
Освен IRSN, и неколку други институции за нуклеарна сигурност во Европа регистрирале високи концентрации на рутениум 106. Од францускиот Институт проценуваат дека количината на ослободениот рутениум е голема, и истакнуваат дека во случај на инцидент со идентична магнитуда во Франција, би била потребна евакуација на населнието во радиус од неколку километри.