Музејот во Марсеј им дозволи на посетителите голи да ја разгледуваат изложбата на уметнички дела посветени на натуризмот, но под услов да носат чевли.
Актовите се главната карактеристика на најновата изложба во Музејот на европските и медитеранските цивилизации во Марсеј, и тоа не само на ѕидовите, пишува Гардијан.
Музејот ја прославува својата десетгодишнина со изложба која го истражува феноменот на натуризмот низ вековите, а еден од најинтересните аспекти е можноста да ја посетите голи еднаш месечно, но под услов да носите чевли, наведува британскиот весник.
Оваа несекојдневна пракса, организирана во соработка со нудистички организации, во термини вон редовното работно време, им овозможува на овие посетители целосно да го искусат духот на натуризмот, кој не е поврзан со сексуалноста, туку со слободата и природноста, соопштиле организаторите.
Под наслов „Натуристички рајови“, изложбата нуди увид во историјата и еволуцијата на натуризмот, особено во Франција, земја која се смета за глобален центар на оваа пракса.
Во рамките на изложбата, која ќе трае до 9. декември, посетителите имаат можност да видат повеќе од 600 експонати – од фотографии и филмови, до скулптури, книги и уметнички дела од колекциите ширум Франција и Швајцарија.