Од октомври, Франција ќе им овозможи на граѓаните попусти за поправка на облека и обувки, со цел да ја намали количината на отпад и да ја заштити животната средина. Имено, околу 700.000 тони ваква стока, секоја година завршува на депониите. На парчињата облека им треба 200 години и подолго за да се распраднат, при што се ослободува метан, гас со многукратно поголем ефект на стаклена градина од јаглерод диоксидот. Токму затоа, владата на Франција, во наредните пет години ќе издвои 154 милиони евра за дотации за правото на поправка.
Оваа мерка исто така е наменета за поддршка на занаетчиите и за отворање на нови работни места, и треба да ги поттикне граѓаните да купуваат поквалитетни производи кои може да се поправат, наместо да ги фрлаат и да купуваат нови. Минатата година, во Франција на пазарот се понудени 3,3 милијарди парчиња облека, обувки и текстил за домаќинство. Модната индустрија е голем загадувач на животната средина поради огромните количини генериран отпад. На глобално ниво, само 20% од отфрлената облека повторно се искористува или се рециклира, додека остатокот се спалува или се фрла на депонии. Планот за промоција на одржливата мода во Франција има и друг сегмент и се однесува на новите ознаки ан декларациите. Имено, од 1ви јануари 2024 година, производителите ќе мораат да ја наведат количината на вода која е потребна за изработка на облеката, количината на употребени хемикалии и ризикот од емисии на микропластика. Исто така, мора да се наведе и дали во производството на конкретното парче е користен рециклиран текстил.
Сепак, не се сите воодушевени од новите мерки. Француската модна индустрија е една од најпознатите на светот и еден од најзначајните сектори на националната економија. Приходот во минатата година изнесувал 66 милијарди евра. Бизнис групите велат дека на дело е стигматизација на оваа индустрија, додека одредени политичари со десна ориентација велат дека владата залудно троши јавни средства, со оглед дека е во сериозни долгови.