Законот за зелена индустрија, усвоен во Франција, означува клучен чекор кога станува збор за развој на зелената индустриска револуција во Eвропа. Се работи за преплетување на еколошката одржливост и економијата. Изработен преку опсежни консултации со граѓанското општество и други засегнати страни, законот ја мина парламентарната процедура и усвоен е како одговор на климатските предизвици, но и како конкретен одговор на Законот за намалување на инфлацијата во САД од 2022 година. Со овој закон можно е земјата да се позиционира на чело на еколошката трансформација.
Фокусот ан законот се три основни оски: финансирање на зелената индустрија, олеснување и забрзување на постапките за изградба на индустриските постројки и промовирање на еколошки одговорни јавни набавки. Клучните иницијативи опфаќаат креирање на програма наменета за млади до 21 година, со која ќе се поттикнат инвестициите во еколошка транзиција преку даночни олеснувања и ослободување од придонеси. Покрај тоа, законот ги промовира и животното осигурување и заштеди за пензија во насока на декарбонизација на малите и средни претпријатија. Посебен акцент е ставен на усвојувањето на еколошки критериуми во процесите на јавни набавки. Се издвојува и една нова мерка – C3IV, која стапи на сила на 14-ти март 2024 година. C3IV е дизајнирана со цел да поттикне вложувања во виталните сектори на енергетската транзиција, како што е технологијата за батерии, ветерна енергија, соларни панели и топлински пумпи. Ова би требало да доведе до 40.000 нови работни места до 2030 година. C3IV е клучна алатка во остварувањето на амбициите на Франција за намалување на емисиите на CO2 и промоција на одржлива индустрија.