Франција ја забрани употребата на смартфони и смарт уреди во училиштата, почнувајќи од новата учебна година која започнува во септември. Сите уреди кои овозможуваат интернет конекција мора да бидат исклучени од мрежа, или пак да се остават дома. Оваа забрана важи за сите школски деца на возраст од 3 до 15 години.
Иако Законот веќе е усвоен минатиот понеделник, сепак се остава простор секое училиште да може да одлучи дали ќе ја применува забраната или не. Инаку, францускиот претседател Макрон, и во својата кампања ветуваше дека ќе ја воведе оваа забрана во училиштата, а во рамките на својата партија La République en Marche, Законот доби поддршка од 62:1, додека некои политичари се воздржаа од гласање сметајќи дека новиот Закон нема да има сериозен ефект. Многумина гледаат на Законот само како инструмент за добивање публицитет, бидејќи легислативата уште од 2010 година предвидува забрана за смартфоните „за време на наставните активности“. Студентите со попреченост се исклучок од забраната.
Зависноста од модерните уреди на денешницата веќе има и свое име „номофобија“ (nomophobia, потекнува од NO MObile PHOne phoBIA) термин кој се употребува за лице кое страхува дека нема да има пристап до својот смартфон. Едно неодамнешно истражување во Велика Британија укажува дека 66% од анкетираните имале некој вид на „номофобија“. Исто така, 41% од испитаниците изјавиле дека поседуваат повеќе од еден апарат со цел да останат конектирани.
Стручњаците сметаат дека намалувањето на употребата на смарфоните кај децата ќе ја поттикне нивната ментална активност.Според францускиот регулатор од областа на телекомуникациите ARCEP во 2016 година, над 90% од француските деца на возраст од 12 до 17 години поседувале мобилен телефон, за разлика од 2005 кога кај истата категорија тој удел бил 72%.